Жалам што нереформираното, криминално и коруптивно ДУИ сè уште живее во минатиот век и мисли дека со таков тип на пораки ќе придобие симпатии во јавноста, вели Мицкоски
Погрешна е тезата на ДУИ дека ако тие не се во Владата, тоа значи етничка поларизација – премиерот Христијан Мицкоски на овој начин ги толкува пораките на Демократската унија за интеграција, кои следуваа по неговите обвинувања кон опозицијата за таен план и сценарио за хаос на изборите. Од истатата трибина на ВМРО-ДПМНЕ која се одржува втор ден под слоганот „Четири години работа за тебе“, Мицкоски ги отфрли како „неконструктивни“ пораките на ДУИ.
„Пораки коишто припаѓаат на минатиот век, на раните 90-ти години и навистина жалам што нереформираното, криминално и коруптивно ДУИ сè уште живее во тие години, и се уште мисли дека со таков тип на пораки ќе придобие симпатии во јавноста, мислејќи дека ако се радикализира, на тој начин ќе добијат симпатии“
рече Мицкоски.
Тој наведе примери каде Владата прифатила проекти на градоначалници на општини предводени од ДУИ, посочувајќи дека такво нешто не се случувало за време на претходното владеење – централната власт да финансира проекти на градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во Кичево градоначалник е Фатмир Дехари од ДУИ, во првиот повик скоро 56 милиони денари, проекти финансирани од оваа Влада, во вториот повик скоро 330 милиони денари, или вкупно 385 милиони денари за 16 проекти, тоа е повеќе од 6 милиони евра. Струга на пример, градоначалник е од ДУИ господинот Рамиз Мерко којшто е на листата на санкции на САД, во првиот повик има еден проект којшто е околу 135 милиони денари, вториот повик има 5 проекти вредни 307 милиони денари или вкупно 443 милиони денари. Сарај – во вториот повик имаме 5 проекти од близу 320 милиони денари, коишто оваа Влада ги обезбедила за општина во којашто градоначалник е од редовите на ДУИ“,
додаде Мицкоски.

Мицкоски уште еднаш ја повтори тезата дека улогата на ДУИ во Владата се поистоветува со криминал, неработа, неспособност и корупција.
Одговорот на Мицкоски следува по соопштението од ДУИ, но и обраќањето на потпретседателот на ДУИ и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, кој обвини дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, со полн интензитет ја спроведува политиката која треба да ги отстрани Албанците од општествените текови, враќајќи ги на нивните периферни позиции од пред Рамковниот договор.
„Не треба да се биде наивен и да се прифати објаснувањето дека министерот на ЗНАМ наивно ја поставува улогата и на Бадентеровиот механизам како пречка замислете, ‘за напредокот на земјава’. Овие механизми (Бадентер, балансер, јазична застапеност итн.) претставуваат механизми за заштита од мајоризација, и токму тие се најголемата пречка за спроведувањето на крајната радикална националистичката политика на Мицкоски, ВМРО и ЗНАМ кон Албанците. Оваа политика на отстранувањето на механизмите кои ја ограничуваат неговата авторитарна позиција одат рака под рака со неговиот анти-европски наратив,“
рече Османи.
Од ДУИ пак вчера преку соопштение реагираа дека пораките на Мицкоски се опасни клевети и поттик за етнички судир.
Реакциите следуваа по говорот на Мицкоски во кој тој кажа дека е време да се открие „вистината за валканите игри кои се подготвуаат зад кулисите“. Според него, СДСМ и ДУИ имаат смислено и координирано сценарио за хаос, политичка магла и манипулации.
Од СДСМ возвратија дека Мицкоски е во паника и дека измислува лажни сценарија за изборите.