Премиерот вели дека по трагедијата неколкупати бил во Кочани, но од тоа не сакал да прави естрада, обвинувајќи ја опозицијата дека ја користи ситуација за да прибира политички поени. Ја прифаќам поканата и ќе одам да се видам и да разговарам со луѓето, вели Мицкоски
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, изрази жалење од одлуката на семејствата на загинатите од Кочани, кои вчера ја одбија поканата од неговиот Кабинет за средба во Скопје, оценувајќи ја како задоцнета. Сепак, тој истакна дека е подготвен да се сретне со нив во Кочани.
„Немам проблем јас да заминам и да појдам во Кочани, и ќе сторам сè, како што и правев досега, да им помогнам толку колку што можам да им помогнам. Но, исто така морам да кажам дека е лага дека сум имал покана да појдам таму на ваков состанок. Такво нешто нема. Но, еве, без разлика, ако е ова покана, еве кажувам дека ќе појдам во Кочани и ќе разговарам. Ќе се организираме, ќе се договориме, така што мене не ми претставува никаков проблем, стојам на располагање“,
вели Мицкоски.
Тој смета дека се прават обиди за собирање политички поени преку злоупотреба на трагедија, но дека таквото однесување нема да придонесе за подобрување на нивниот изборен резултат.
„Јас бев во Кочани неколку пати. И дента кога се случи тој хорор и сето тоа кое понатаму следеше. Бев и кога се потпишав во книгата на жалост и претходно кога посетував некои од семејствата. Не сакам јас сега премногу за тоа да зборувам бидејќи за мене овој случај не треба да добие призма на естрада. За жал, некои политички глодари и некрофили од опозицијата се обидуваат тоа да го направат. Тоа е нивна работа. Ако тие одлучиле со некрофилија и политичко глодарство да мислат дека ќе добијат политички поени, мислам дека се лажат и тоа неколку месеци од денес ќе го видат, а јас еве јавно кажувам дека ја прифаќам поканата. Немам јас проблем да појдам и да седам и да разговарам, и онолку колку што е потребно да разговарам и да помогнам било што што можам да помогнам и таму на тие луѓе, колку-толку, таа болка да им ја ублажам“,
рече премиерот Мицкоски по денешната посета на скопско Инџиково.