Според Мицкоски, победата е резултат на концептот кој, како што рече, го гради власта – скромност, многу работа и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните

Победата на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Онер Јакупоски, за градоначалник на Општина Маврово Ростуше на повторените локални избори не е само локален резултат, туку јасна политичка порака дека граѓаните препознаваат работа, присуство на терен и одговорност, порака дека не се наградуваат празни зборови туку резултати, рече вечерва на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Според Мицкоски победата е резултат на концептот кој, како што рече, го гради власта – скромност, многу работа и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните.
„Во другите општини изборната трка се водеше меѓу кандидати на други политички партии. Целокупната политичка слика е повеќе од јасна – со денешниот ден се заокружува резултатот од локалните избори во целина. ВМРО-ДПМНЕ победи во вкупно 56 општини во Македонија, СДСМ во шест. Тоа не е случајно, тоа е јасен политички суд на граѓаните“,
рече Мицкоски.
Тој оцени дека денешниот изборен ден во четири општини каде имаше повторени локални избори поминал во демократска мирна и достоинствена атмосфера и оти и покрај тешките временски услови граѓаните го оствариле своето право на глас.
„Тоа е јасна и недвосмислена потврда за демократскиот капацитет на државата и важна инвестиција во нејзината стабилност. Овие избори покажаа дека институциите функционираат и дека демократските процеси се зацврстуваат. Во време на сериозни регионални и глобални предизвици ова е вредност што мора да се чува и надградува без разлика на политичките разлики“,
рече Мицкоски на прес-конференцијата.
Во Маврово и Ростуше, покрај Јакупоски, поддржан од коалиција „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ во трката за градоначалник беше и Анес Ахмети, кандидат на СДСМ и коалицијата.
