На средбата, како што информира Мицкоски, било разговарано за актуелни теми, приближувањето на нашата земја кон Европската Унија и конечно формалното отпочнување на преговорите
Пријателски и продуктивен. Вака премиерот Христијан Мицкоски го оцени денешниот состанок во Брисел со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на кој, како што рече, апсолутно ги повторивме нашите единствени позиции.

На средбата, како што информира Мицкоски, било разговарано за актуелни теми, приближувањето на нашата земја кон Европската Унија и конечно формалното отпочнување на преговорите.
„Само што завршивме со средбата со претседателот на Европскиот совет, господинот Антонио Кошта, пријателска средба. Првата средба ја имавме точно пред една година, кога господинот Кошта беше избран за претседател на Европскиот совет и оттогаш до денеска негуваме навистина пријателски и искрени односи. Господинот Кошта е голем пријател на Македонија и во таков дух помина денешната средба. На состанокот апсолутно ги повторивме нашите единствени позиции коишто навистина се позиции достоинствени после сите оние понижувања коишто ни се случија во минатото, изминатите 25 години, откако практично почна овој наш пат кон приближување кон Европската Унија“,
изјави Мицкоски по средбата, информираат од владината прес-служба.
Како што информира Мицкоски, на средбата со Кошта станало збор и за други проекти коишто се стратешки важни за Македонија.
„Тоа е гасниот интерконектор со Србија и крак на гасниот цевковод кон соседно Косово. Понатаму, тарифите за челикот и челичните производи на македонските производители, како и заедничкиот проект што нашата македонска Влада ќе го има со Европската комисија, а се однесува на проектите коишто треба да ги реализираме во Кочани и во кочанскиот регион“,
изјави Мицкоски по средбата додавајќи дека вечерва ќе има вечера со еврокомесарката Марта Кос и оти се надева на позитивни вести.
Мицкоски попладнево во Брисел ќе учествува на Самитот за проширувањето на Европската Унија.
