Лидерот на опозицијата кажа дека другата тема на која разговарал со Ахмети се предвремените парламентарни избори, не откривајќи каков е ставот на ДУИ по ова прашање
Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети, денеска остварија средба на која се разговарало за повеќе за спорот за Бугарија, како и за тоа дали ќе има предвремени парламентарни избори, соопшти Мицкоски за медиумите по завршувањето на средбата.
„Првата тема на која разговаравме со Ахмети беше спорот со нашиот источен сосед каде ги повторив нашите тези, принципиелниот став да се почитува резолуцијата усвоена од парламентот. Изразив загриженост од фактот дека колку повеќе ги напуштаме нашите преговарачки позиции толку повеќе барањата од Бугарија се поголеми и на тој начин се уништува преговарачката позиција на државата. Јас лично ценам дека треба да се напушти принципот на коленичење и сервилност. Треба да покажеме карактер и треба да се вложиме максимално сите за да го покажеме тој карактер. Тоа е мојата порака. Доста е веќе од понижување, доста е од срамови, народот е фрустриран. Многу остапки направи оваа 30 годишна независнот, а всушност уште сме во предворјето и не можеме да го почнеме тој процес на преговори“,
изјави Мицкоски.
Лидерот на опозицијата кажа дека другата тема на која разговарал со Ахмети се предвремените парламентарни избори, не откривајќи каков е ставот на ДУИ по ова прашање.
„Имајќи предвид дека како ВМРО-ДПМНЕ изминатиот период бевме предмет на критика од страна на јавноста бидејќи бевме молчаливи и не бевме присутни во јавноста.Тоа беше со причина да не се најде изговор дека ВМРО-ДПМНЕ е виновна бидејќи ние не добиваме датум за преговори. Но, сега кога е и повеќе од јасно дека поминува и декември месец, се бараат и нови шест месеци за преговори, дека едноставно последниот адут којшто имаше оваа Влада заминува во неповрат. Имајќи ја предвид состојбата во општеството, криминалот и корупцијата, нефункционалните институции, недисциплината, лошата економската состојба, кризната енергетска состојба и многу други фактори коишто негативно влијаат, мојот став е дека само со сериозен ресет на системот, многу макотрпна работа, нови луѓе, можеме да излезе од оваа кризна состојба во којашто се наоѓаме. А за тоа се потребни предвремени парламентарни избори“,
изјави Мицкоски.
По оваа средба, се очекува Ахмети да се сретне со Заев и со новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.