„Овие длабоки гестови не се само обичај, туку силна порака дека никој не е безгрешен и дека секој има можност да покаже добрина наместо гнев“, вели премиерот во објавата на Фејсбук по повод верскиот празник
Во брзината на секојдневието, честопати забораваме дека вистинската сила е во способноста да покажеме разбирање за потезите на другите и да продолжиме напред со чисто срце.

Ова во објава на својот фејсбук-профил, меѓу другото, го напиша премиерот Христијан Мицкоски по повод денешниот верски празник Прочка, денот пред почетокот на велигденските пости.
Овој ден, вели премиерот, нè потсетува на големото значење на простувањето, смирението и човечката блискост.
„Овие длабоки гестови не се само обичај, туку силна порака дека никој не е безгрешен и дека секој има можност да покаже добрина наместо гнев. Нека овој ден биде поттик да се приближиме едни кон други, да ги надминеме недоразбирањата и да ја зајакнеме вербата во заедништвото“, вели премиерот.
Само со меѓусебна почит и искреност можеме да создадеме посилно и поправедно општество, додава тој во објавата.