Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, во обраќањето од партискиот штаб, најави дека почнува процесот на промени во земјата
Христијан Мицкоски вечерва најави идна коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Левица. Ова го нарече „една идна коалиција“ која, според него, ќе однесе победа на идните парламентарни избори.
„Благодарност до Алијанса за Албанците, до Алтернатива, до Левица зашто ги срушивме бариерите и поставивме основи за една идна коалиција. Овој опозициски блок ќе однесе победа на идните парламентарни избори кои најверојатно ќе бидат предвремени. Благодарност и до коалицијата ЛДП/ДОМ која на најдемократски начин им остави на своите гласачи самите да носат одлука. Денеска да се радуваме, но премногу да не славиме зашто она што се случуваше меѓу двата круга не треба да го заборавиме – притисоци, заплашување, притисоци од оваа власт во заминување и тоа нема да го заборавиме“,
изјави Христијан Мицкоски.
Ова победа, како што рече, е голема зашто изборниот процес бил полн со многу неправилности и незапаметена злоупотреба на државните институции.
„Многумина велат дека Скопје е вмровски град. Да, така е, но Скопје пред сѐ е слободен град. Исто како и што Македонија е слободна од утре, зашто се ослободува од хибридниот режим“,
изјави Мицкоски.
Им се обрати на идните градоначалници – ги повика да заборават на привилегиите и од утре да се фатат со работа.
„Борбата продолжува и нема запирање, власта го загуби кредибилитетот. Нашата победа е пораз на сите политики на власта. Ова е огромна доверба и ние ќе знаеме да ја почитуваме. Во однос на ново мнозинство, оставете времето да ви одговори. Власта е делегитимирана и тоа е од вечерва и тоа е новата реалност која со тек на времето очекувам да се манифестира во парламентот. Но, најдобро би било тоа да биде преку предвремени избори“,
рече Мицкоски.
Се обрати лично до Зоран Заев и го замоли добро да размисли кои ќе му бидат идните чекори – го повика „да се надмине себеси и да ја разбере пораката дека е доста и дека треба да замине“.