Секоја лага која ќе ја смислат Заев и мафијата им се распрснува. Како што лажеа за случаите „Теретана“ и хидроцентралите брутално манипулираат за сè друго. Но, вистината е една и единствена. Бродот ќе им потоне, се препелкаат во сопствените лаги., порачува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски откако Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје објави дека го затвора случајот „Теретана“.
Обвинителството соопшти дека испитало сведоци и ги вештачеле снимките донело резолуција дека во овој предмет нема место за постапување на обвинител.
„Нивното обвинителство не можејќи да најде ниту една темна дамка во моето однесување, денес објави дека нема ништо од случајот ’Теретана‘, дека не е прекршено ниту едно правило, или несовесно постапувано, наспроти целокупното брутално лажење на СДСМ пред изборите на оваа тема. Доведоа до ранг да е престап и злосторство спортувањето на Водно, а упропастувањето и продавањето на државата да викаат дека е блескање. Претходно правеа конструиран случај од хидроцентралите, па повторно нивната Државна комисија за спречување на корупцијата излезе и рече дека се работи за чист случај“,
вели Мицкоски.
Снимката на која се гледа лидерот на опозициската партија со уште две лица во теретана се појави на социјалните мрежи на 25 април односно во период кога беше забранета работата на фитнес-центрите, согласно одлуките за заштита од ширењето на вирусот ковид-19.
Мицкоски тогаш тврдеше дека таа е стара најмалку 6 месеци, односно дека не е точно оти бил во фитнес-центар и ги прекршил протоколите. И тогашниот министер Чулев тврдеше дека сознанијата на МВР се оти снимката е од октомври 2019 и не се точни обвинувањата.
Од СДСМ, пак, го обвинуваа дека ги прекршил протоколите, а за периодот кога е направена алудираа дека на неа се гледа дека лицата носат заштитни ракавици и маски, како и облека по кратко ракави што не кореспондира со периодот како што тврди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
