Во обраќањето пред присутните, премиерот нагласи дека енергетиката котира високо на државната агенда како национален приоритет и стратегија, а дека владата стои цврсто зад реформите што ги спроведува Министерството за енергетика
Одржливата енергија не е политички избор, туку морална обврска кон идните генерации. Секоја нова технологија што ја воведуваме, секој киловат што го произведуваме без загадување е чекор кон економија што ќе ја напојува иднината – порача премиерот Христијан Мицкоски од отворањето на 14. Меѓународен форум за енергетика за одржлив развој што денеска се одржува во Скопје.

Мицкоски изрази задоволство што Скопје е домаќин на Меѓународниот форум за енергетика и одржлив развој и порача дека е горд што земјава денеска е центар на светската дебата за иднината на енергијата.
„Уште погорд што светот погледнува кон нас не како кон мала земја, туку како кон сериозен партнер, кој активно ја обликува агендата за одржлив развој. Фактот што оваа глобална дискусија се води во Скопје покажува дека регионалната енергетска иднина може и треба да се гради во нашата земја. Ова е нашата прилика да покажеме дека земја со мала површина може да има големо влијание кога има јасна визија, решителност и лидерство“,
порача Мицкоски.
Во обраќањето пред присутните, премиерот нагласи дека енергетиката котира високо на државната агенда како национален приоритет и стратегија, а дека владата стои цврсто зад реформите што ги спроведува Министерството за енергетика и ја гради врската меѓу политиката и визијата.
„Сакам да ја истакнам улогата и визионерството на министерката за енергетика која е решена да ги придвижи работите, да ги забрза процесите и да не дозволи Македонија да заостанува во трката со времето. Нашата визија е да ја подготвиме државата за иднината – за климатските предизвици, за технолошките промени и за глобалните ризици. Да создадеме регионален пример на стабилна, чиста и независна енергетска економија. Знаеме дека тоа бара време, ресурси и упорност, но уште повеќе бара вера во сопствените сили“,
додаде тој.
Мицкоски посочи дека во изминатите неколку месеци се направени значителни чекори како што се инвестиција во обновливи извори на енергија, изградба на енергетски интерконектори со соседните земји, отпочнати програми за енергетска ефикасност во јавниот и приватниот сектор. Секој панел, секоја ветерница и нова електрана што работи на чиста енергија, додаде премиерот, е дел од современата борба за независност.
На крајот од своето обраќање, премиерот изрази уверување дека денешната конференција во Скопје нема да заврши со зборови, туку со дејства и инвестиции во заеднички проекти.
