Тие кои што ќе се претставуваат како трет пат имаат единствена цел, антивладините гласови да ги разделат, да го поделат македонскиот гласач, порача вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Нема дно кое што оваа Влада на ДУИ и СДСМ не го проби овие шест години. Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира следната Влада, тука не треба никој да има дилема. Победата ќе биде голема. Тука да бидете сигурни, истакна вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на средба со граѓаните од Струмица во рамки на активноста „Важно е! Од тебе зависат промените!“.
„Изминативе три децении поминале многу политичари, многу раце се стегнале, многу зборови се кажани, но за жал многу малку дела останале запаметени. И за жал денеска главното мислење помеѓу нашите сограѓани е дека сите се исти. Но, ние сакаме да покажеме и да докажеме дека не сме сите исти и дека оваа генерација политичари во ВМРО-ДПМНЕ се луѓе патриоти, луѓе кои што навистина сакаат да направат нешто за својата татковина, за Македонија, за македонскиот народ, но и за сите граѓани кои што се наши соседи, пријатели, кои што делат иста судбина како што и ние делиме“,
рече Мицкоски.
Тој посочи дека е важно оваа активност која што ја води ВМРО-ДПМНЕ два месеци да се спроведе насекаде, да се слушнат граѓаните што е тоа што очекуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Јасно е од било кога дека ВМРО-ДПМНЕ ја формира следната Влада, тука не треба никој да има дилема. Победата ќе биде голема, и ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира следната Влада. Тука да бидете сигурни. Тоа што ќе го кажеме, ќе биде дефинирано со јасен рок и тоа ќе биде испорачано“
рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој нагласи дека на изборите ќе нема трета опција.
„Сакам да предупредам на една работа што ќе се случува во периодот што следи. На следните избори не постои трета опција, на следните избори постои од една страна ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и од другата страна Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи, Маричиќ, Зечевиќ и Димитар Ковачевски. Секој оној кој што ви вели дека постои трета опција, секој оној кој што ќе ве гледа во очи и ќе ви ветува се што сакате да слушнете немојте ве молам да заборавате дека тој има таква задача токму од овие шестмина кои што ви ги споменав. Тие кои што ќе се претставуваат како трет пат имаат единствена цел, антивладините гласови да ги разделат, да го поделат македонскиот гласач“,
рече Мицкоски.
Тој посочи дека не смее да се дозволи македонскиот гласач да се подели, бидејќи тоа е целта на власта за да ВМРО-ДПМНЕ не дојде до зацртаните 61 пратеник. А, целта на ВМРО-ДПМНЕ е 61 пратеник во македонскиот парламент, истакна Мицкоски.