Според Мицкоски постојат тајни договори меѓу политичките партии од опозицискиот блок, особено, како што рече, тој во Струга меѓу Левица и ДУИ, чија цел била да ја одржи ДУИ и во следните четири години
По локалните ќе се занимавам со корупцијата во судството и обвинителството, затоа што мора еднаш засекогаш да се стави крај со овој перманентен бастион на криминалот. СДСМ и ДУИ грчевито ќе се борат за спас во корумпираното судство и обвинителство, бидејќи тоа им е последното танго за спас на нивните кариери и шанса да одбегнат одговорност, истакна на вечерашниот митинг во Струга претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски.

„Од месечинатa се гледа дека последниот бастион на криминалот во државата стана судството и обвинителството кое ги штитат СДСМ и ДУИ како бели мечки. Нема ниту еден случај во институциите, кој што сме го предочиле, обезбедиле докази, а да заврши со обвинителен акт за било кој поранешен висок функционер. А случаи има колку сакате, само недостасува волја. Во судовите и обвинителствата главни се аргатите на СДСМ и ДУИ. Тоа е нивната задача, да ги штитат. Затоа после изборите следуваат реформи кои ќе ја откријат вистината и ќе ја донесат правдата во нашата држава“,
рече Мицкоски.
Според Мицкоски постојат тајни договори меѓу политичките партии од опозицискиот блок, особено, како што рече, тој во Струга меѓу Левица и ДУИ, чија цел била да ја одржи ДУИ и во следните четири години.
„Тоа е договор којшто токму овде во Струга има за цел да нанесе директна штета на стружани. На сите оние стружани коишто длабоко во себе чувствуваат немир, револт и се згрозени од она повеќедецениско владеење на ДУИ во Струга. Која е целта на тој таен договор и која е целта на оваа коалиција? Прво, да направи дисипација на анти ДУИ гласовите, да ги подели стружани, а како тоа ќе го направат? Со тоа што истакнаа кандидат којшто како велеа на изобрите во 2021 година „ако сте кандидат за градоначалник, тогаш логично е да си дадете оставка“. Но, видовме дека кандидатот на Левица не си даде оставка од Собранието. Како можеме на човек којшто на почеток од кампањата не ја говори вистината да му веруваме дека има чесна намера“,
праша Мицкоски.
Во Струга ВМРО – ДПМНЕ нема кандидат за градоначалник, туку само советничка листа, но лидерот на владејачката партија им посочи на стружани дека имаат два избори. Едниот, според него, е да одат сите назад, „кон темното минато на криминалот, корупцијата, тендерите, распаднатата и одземена држава“, а другиот е оној во кој ќе изберат чесни кадри во Советот, со чија помош ќе се спротистават, на наследениот трул систем.
„Вистинскиот избор за Струга е советничката листа предводена од професорот Коста Хиохи. Тоа е вистинскиот начин масовно да излеземе, да ја поддржиме советничката листа, да го заокружиме бројот 9, поддржувајќи ја коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и на тој начин да ѝ помогнеме на Струга да се ослободи од корупција, напластени проблеми и да ја градиме партнерски“,
нагласи Мицкоски
Меѓу проектите кои ќе бараат да ги исполни идниот градоначалник на Струга со поддршка на Советот се целосната реконструкција на водоводната мрежа и изградба на катна гаража, како и изградба на нова градинка, за која доколку не покаже разбирање Општината, како што рече Мицкоски, ќе ја изгради Владата преку ресорното министерство.
Носителот на советничката листа Коста Хиохи истакна дека во својата програма со конкретни проекти и визија за Струга нудат подобар и поквалитетен живот за сите граѓани.

Тој се осврна на проблемите со кои се соочува Струга – дивите депонии, дивоградби, криминал и корупција, водоснабдувањето.
„Најпрво, со изборот на новиот градоначалник и Советот на општината, ќе иницираме конзервирање на дивата депонија до нејзина конечна дислокација. Набавка на нови соодветни возила за транспорт на селектираниот отпад. Паралелно на тоа, ќе извршиме ревизија на функционалноста на водоводната мрежа и детекција и санација на дефектите, но и на дивите приклучоци, при што ќе се изврши ослободување на мрежата и зголемување на нејзината функционалност и капацитет. Ќе обезбедиме средства за заживување на старата струшка архитектура. Исто така се обврзуваме да се избориме за градба на катни гаражи со преку 300 возила во најфреквентните делови на градот, со цел да го решиме проблемот со сообраќајниот хаос“,
рече Хиохи.