„Затоа е важно на овие избори да се излезе во што поголем број, за сите овие политичари да добијат сериозна лекција уште во првиот круг. Затоа што ако не добијат врел шамар и нокаут на изборите, тие ќе мислат во иднина дека ова може да им помине. Затоа е важен секој глас, а работата да ја завршиме уште во првиот круг“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот завршен народен митинг во Охрид, во рамките на кампањата за локалните избори в недела, ги повика граѓаните на масовна поддршка за кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ со заокружување на бројот 9. Целта, како што истакна, е да се зададе „сериозна лекција“ и „нокаут“ на СДСМ и на Венко Филипче уште во првиот круг на локалните избори.
Мицкоски ја обвини СДСМ дека биле „подизведувачи на криминалот на ДУИ и Али Ахмети“ и дека се „одлепени од реалноста“.
„Седум години по ред, партнерски со ДУИ, ги разградуваа темелите на земјата. СДСМ и Венко Филипче беа подизведувачи на криминалот на ДУИ и Али Ахмети, кој денес се претвори во раскажувач на историски сказни со главна програма, сеење етничка омраза, додека народот му се иселува“,
рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека СДСМ не извлекле поука од минатото и дека народот ги казнил поради сиромаштијата, двоцифрената инфлација, криминалот и „пазарџиската политика со државните интереси“.
„Затоа е важно на овие избори да се излезе во што поголем број, за сите овие политичари да добијат сериозна лекција уште во првиот круг. Затоа што ако не добијат врел шамар и нокаут на изборите, тие ќе мислат во иднина дека ова може да им помине. Затоа е важен секој глас, а работата да ја завршиме уште во првиот круг“,
порача Мицкоски од Охрид.
Мицкоски истакна дека иако е наследена лоша состојба, ВМРО-ДПМНЕ работи на поставување темели за подобра иднина, најавувајќи две клучни области на дејствување по изборите.
Едната е, како што рече, длабока реформа во судството и обвинителството.
„Ќе треба да влезе голема лопата најпрвин во судството и обвинителството, каде е сраснато со неправдите и штитењето на криминалот. Еден ресет на системот, без партиска или било каква поделба“,
кажа Мицкоски.
Заштита на животниот стандард и економијата се другата област што ја најави Мицкоски.
„Би сакал да кажам една убава вест, којашто мислам дека ќе ги израдува македонските граѓани, започнуваме со еден нов циклус на инвестиции, во завршни преговори сме со американско-британска компанија којашто ќе инвестира во наменската воена индустрија во Македонија до 150 милиони долари, ќе имаме нови високоплатени 1 000 работни места, и ова е само почеток. Очекуваме во воената наменска индустрија инвестициите да достигнат повеќе од една милијарда долари“,
рече Мицкоски нагласувајќи дека следната година ќе биде година на економија и повеќе пари и повисок стандард за секого.