Според премиерот, првото што треба да го направи идниот шеф на Јавното обвинителство на РС Македонија е да ги извади предметите што, како што кажа, се држеле во фиока и за оние каде има докази за кривични дела да отвори постапка, а за оние каде што ќе процени дека нема такво нешто да бидат затворени
Премиерот Христијан Мицкоски очекува новиот државен јавен обвинител, што допрва треба да биде избран, да биде заштитник на правото и генератор на правда и правдина.

Според Мицкоски, првото што треба да го направи идниот шеф на Јавното обвинителство на РС Македонија е да ги извади предметите што, како што кажа, се држеле во фиока и за оние каде што има докази за кривични дела да отвори постапка, а за оние каде што ќе процени дека нема такво нешто да бидат затворени.
„Прво што треба да направи е сите оние документи и случаи кои се држеа во фиока да ги извади и да ги истражи и таму каде што нема дело и докази да ги затвори, а таму каде што има дело и докази да оформи предмет и да го предаде до судот, па потоа судот да одлучува дали ќе отпочне или нема да отпочне судска постапка. Очекувам да биде заштитник на правото, да биде генератор на правда и правдина. Тоа е она што го очекувам од новиот државен јавен обвинител“,
изјави премиерот, одговарајќи на новинарски прашања по оддавањето почит на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев од чие раѓање денеска се одбележуваат 154 години.
Портпаролката на Владата, Марија Митева вчера соопшти дека на вчерашната владина седница бил донесен заклучок во однос на петтемина кандидати за државен јавен обвинител кој, согласно законските одредби, ќе биде доставен до Советот на јавните обвинители.
„Собранието ја информираше Владата за завршување на огласот за Јавен обвинител. Ги достави петтемина кандидати, добро познати на јавноста. Владата донесе заклучок согласно законските одредби кои што ѝ стојат на располагање да ги достави до Советот на јавни обвинители, кој има рок од 15 дена да ѝ одговори на Владата, односно да испрати мислење“,
рече Митева.
Иако Собранието не ги објави имињата на петтемина кандидати дел од нив самите потврдија во јавноста дека влегуваат во трката за највисоката јавнообвинителска функција. Станува збор за актуелната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристоска, судијата од Кривичниот суд, Ненад Савески, поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчeвски, и обвинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ.
Еден од петтемина пријавени кандидати би требало да го наследи Љупчо Коцевски, кој лани во декември си поднесе неотповиклива оставка од функцијата, непосредно пред почетокот на собраниската седница на која пратениците требаше да расправаат и да гласаат по предлогот на Владата за негово разрешување.
По оставката, на негово место како в.д. државен јавен обвинител Советот на јавните обвинители ја назначи обвинителката Тополова-Исајловска, која, според законот, не може да биде на позицијата в.д. шеф подолго од шест месеци.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител почна со огласот што го распиша Собранието на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Според Законот за јавно обвинителство, добиените кандидатури се препраќаат до Владата. По пријавувањето, Владата бара мислење од Советот на јавните обвинители за сите кандидати. Советот е должен да достави образложени мислења во рок од 15 дена. Доколку Советот не даде позитивно мислење за ниеден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас.
Државниот јавен обвинител Собранието го избира со апсолутно мнозинство, односно за него треба да гласаат најмалку 61 пратеник.
