Мицкоски, во таа насока, кажа дека местото на Македонија е во Европската Унија и оти тоа е еден од нашите посебни приоритети, но, исто така наша цел е, како што рече, да го заштитиме нашето национално достоинство, нашиот идентитет и нашите национални интереси
Премиерот Христијан Мицкоски очекува прогрес и откочување на проблемот што земјава во моментов го има на својот евроинтегративен пат.

Тој ова го кажа во изјава за Македонската радио телевизија (МРТ) од Лондон каде ја преводи владината делегација на Самитот за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, но без да наведе повеќе детали.
„Очекувам прогрес и во делот на откочување на проблемот којшто го имаме во овој момент, но ајде да видиме“,
рече Мицкоски, прашан за пораките од разговорите со партнерите на земјава на Самитот.
Оценувајќи ја посетата на Лондон и присуството на Самитот како многу плодни и инспиративни, Мицкоски говорејќи на темата за евроинтеграциите првин се осврна на средбата со францускиот министер за Европа, Бенџамин Хадад, на која, како што кажа, ги изнел нашите позиции.
За потестување, земјава сè уште ги нема отворено поглавјата од пристапните преговори со Европската Унија бидејќи условот за тоа е вклучувањето на бугарската заедница во Преамбулата на Уставот.
Актуелната влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, не се согласува уставните измени да бидат направени без претходно земјава да добие гаранции од Брисел дека нема да има други услови и вето од Бугарија на понатамошниот пат на Македонија кон ЕУ.
„Ги кажавме нашите позиции, односно позициите коишто цело време ги повторуваме, дека мора да има испорака, гаранции од Европската Унија, мора да има испорака од нашиот источен сосед во делот на почитување на меѓународното право, почитување на европските институции како што е Судот за човекови права, интегрирање на македонската заедница во рамките на министерскиот совет за малцинства кај нашиот источен сосед итн. Тоа не се дополнителни услови, тоа значи партнерство, тоа значи добрососедски односи помеѓу двете земји“,
изјави премиерот.

Одговарајќи на дополнително прашање за пораките од нашите партнери во однос на евроинтегративниот процес на земјава, Мицкоски рече дека од нива страна било кажано дека местото на земјава е во Европската Унија, како и генерално на целиот регион на Западен Балкан.
Во тој контекст, премиерот наведе дека особено била инспиративна и конкретна дискусијата на германскиот канцелар, Фридрих Мерц, која, како што кажа, јасно кажал како го гледа регионот.
Мицкоски не сподели детали од дискусијата на Мерц, бидејќи како што кажа сепак станува збор за затворен состанок.
„Но тој даде многу јасна насока како го гледа регионот и кои се плановите за иднината на регионот поврзани со интеграцијата во Европската Унија. Исто така и дел од другите премиери и претседатели на земји членки на Европската Унија имаа јасна порака како го гледаат регионот, така што јас останувам оптимист, но важно е да ја испорачаме домашната задача, а тоа се реформите и тоа ќе го правиме во периодот којшто следува“,
рече премиерот.
Мицкоски, во таа насока, кажа дека местото на Македонија е во Европската Унија и оти тоа е еден од нашите посебни приоритети, но, исто така наша цел е, како што рече, да го заштитиме нашето национално достоинство, нашиот идентитет и нашите национални интереси.
„Ќе се бориме да ги браниме националните интереси на Македонијна генерално, но и на граѓаните. Иднината на државата е во рамките на Европската Унија, тоа е една од нашите посебни стратешки цели. Ќе сториме сè што е во наша моќ да ја исполниме оваа стратешка цел, но истовремено да ги заштитиме македонските интереси“,
изјави Мицкоски.