Тој додаде дека е логично да се верува оти СДСМ повторно тропнале на истата врата, а дека подарокот што Бугарија може да го плати е „нов предлог за ново предавство на националните и државни интереси“

Предлог-резолуцијата за црвените линии на СДСМ е тројански коњ и нов подарок за Бугарија, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митинг во Куманово, во рамките на кампањата за локалните избори.
Мицкоски нагласи дека политичките трикови на СДСМ и Венко Филипче повеќе не поминуваат и дека врз грбот на националните интереси нема да дозволи некој да гради политичка кариера.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изнесе сомнежи за мотивите зад предлогот на СДСМ, потсетувајќи на минати изјави за финансиска поддршка од Бугарија.
„Се сеќавам, не заборавам, дека поранешниот премиер на нашиот источен сосед јавно зборуваше дека финансиски ја помогнал таа опција на СДС директно преку куферче пари кон неговиот гуру и ментор од Струмица“,
истакна Мицкоски.
Тој додаде дека е логично да се верува оти СДСМ повторно тропнале на истата врата, а дека подарокот што Бугарија може да го плати е „нов предлог за ново предавство на националните и државни интереси“.
„Она што е непознато е само колку пари овој пат од кај нашиот источен сосед се слеале во раководството на СДС за да излезат во јавноста со ваков предлог па и бесрамно да го брендираат како резолуција со црвени линии“,
праша Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека тој и ВМРО-ДПМНЕ, заедно со народот на Македонија, се „големата пречка“ за реализација на ваквите планови.
„Тоа што за нашиот источен сосед Венко е добар, за Македонците значи само едно – ново предавство, кое ние нема да го дозволиме“,
додаде тој.
Претходно Мицкоски беше на митинг и во скопската Општина Ѓорче Петров каде исто како и во Куманово, се осврна на резолуцијата за црвените линии на СДСМ.
„Прво беше промената на името, потоа договорот за пријателство со Бугарија, со кој ја отворија Пандорината кутија, што денес нè доведе до оваа ситуација до која што сме, а потоа следеше прифаќање на оној бугарски ултиматум“,
додаде Мицкоски.

Критикувајќи го повикувањето на Филипче на АСНОМ, Мицкоски рече дека лидерот на СДСМ и неговиот ментор „се поплукаа на АСНОМ тогаш кога кажаа дека нашиот источен сосед за време на втората Светска војна во Македонија биле ослободители, биле администратори, а не окупатори “.
„Не може Венко да се повикува на АСНОМ, а да не се огради од ова. Не може да бидеш од една страна и партизан, а од друга страна соработник со окупаторите во Втората светска војна“,
рече Мицкоски.
Мицкоски вечерва истакна дека претстојните локални избори се одлука за идниот правец на земјата. Тој ги повика граѓаните на 19 октомври да го заокружат бројот 9 за, како што рече, „Македонија да победи“ преку програма и план за современо живеење.
Мицкоски ги спореди 15-те месеци од мандатот на актуелната Влада со претходните 84 месеци во кои, според него, СДСМ и ДУИ ги рушеле и ги упропастувале темелите на државата.
Тој го критикуваше претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Кога го слушам Венко Филипче, излегува како тие никогаш да не биле власт во оваа држава. Тој денес ни објаснува дека во негово време и во време на неговиот ментор подобро се живеело. Ова е врвно лицемерие“,
рече Мицкоски.
Мицкоски рече дека тоа бил периодот кога 500 илјади граѓани живееле со 150 денари дневно, а инфлацијата била двоцифрена.
„Се сеќавате ли на скандалите, тендерите во РЕК, фирмите на поединци кои добиваа работа и провизиите што транспарентно ги редеа во свои џебови?“,
кажа Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека СДСМ и ДУИ се грижеле за „нашиот дом“ така што „ја клекнаа Македонија на колена“, правејќи „предавство по предавство“.