Тој додаде дека секој оној што ќе биде исправен пред предизвикот дали да го поддржи Александар или неговиот противкандидат треба да се присети на вредностите што ги застапува Александар и вредностите што ги застапува неговиот противкандидат
Очекувам по вториот круг од локалните избори коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да има 59 градоначалници со што ќе ја заокружиме највисоката бројка во историјата на демократската Македонија по бројот на градоначалници којашто некогаш се случила. И ако на тоа се додаде и извесната победа на Орце Ѓорѓиевски за Град Скопје, којшто води 3:1 после првиот круг во однос на неговиот противкандидат, тогаш заокружуваме бројка од 60 градоначалници кои ќе дојдат од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и главниот град, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вечерашниот митинг во Кичево.

Според Мицкоски, единството и поддршката на граѓаните покажале дека може да се совлада и помногуброен противник.
„Затоа е многу важно на 2 ноември в недела да се обединиме овде во Кичево, без разлика на нашите различности, без разлика дали тие различности се етнички, верски или политички. Многу е важно да бидеме како едно, да се обединиме околу вредностите коишто ги споделуваме, да се обединиме околу цивилизацијата што ја застапуваме. Затоа што јас сум убеден дека противкандидатот на Александар не ги споделува нашите вредности, не ја споделува нашата цивилизација“,
рече Мицкоски.
Тој додаде дека секој оној што ќе биде исправен пред предизвикот дали да го поддржи Александар или неговиот противкандидат треба да се присети на вредностите што ги застапува Александар и вредностите што ги застапува неговиот противкандидат.
„Дали вие сакате да живеете во средина во којашто ќе владеат криминалот, блуд, разврат и уцени? Дали сакате Кичево да биде домаќин на блуд, разврат, криминал и уцени? Заборавете на етничката припадност, сетете се на вашите ќерки, на вашите внуки, дека некоја од нив може да биде жртва на овој човек. Затоа, кога ќе го имате пенкалото во рака, верувајте во вредности, не во басни, не во приказни. Заборавете на нешто што некој ви кажува дека се случило пред 4, 5, 6 децении, верувајте им на оние коишто ви кажуваат што ќе се случува за четири-пет децении од денес. Заборавете на оние романтични приказни што некој ви ги кажува за некое измислено минато коешто никогаш не се случило. Верувајте на иднината којашто сите ние заедно Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати ќе ја градиме. Тоа е иднината на Македонија“,
изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
