„Ценам дека тоа можев да го почувствувам и да го видам, не само од канцеларот Шолц, туку и од останатите високи официјални лица и премиери на земји членки на ЕУ, дека поддршката за нас во евроинтегративниот процес е огромна и дека таа ниту била, ниту ќе биде доведена во знак на прашање“, рече Мицкоски вечерва во Берлин
Германија останува наш силен поддржувач, наш сојузник и партнер во евроинтеграциите. Многу поголем оптимист сум по сите официјални и неофцијални средби и разговори, продолжуваме понатаму и убеден сум дека конечно ќе бидеме дел од Европската Унија, изјави денеска од Берлин премиерот Христијан Мицкоски, кој во рамките на „Берлинскиот процес“ оствари средба со канцеларoт Олаф Шолц..
„Ценам дека тоа можев да го почувствувам и да го видам, не само од канцеларот Шолц, туку и од останатите високи официјални лица и премиери на земји членки на ЕУ, дека поддршката за нас во евроинтегративниот процес е огромна и дека таа ниту била, ниту ќе биде доведена во знак на прашање“,
рече Мицкоски во изјава за МРТ.
Како што посочи, многу јасно ги презентирал приоритетите на Владата, како во делот на економијата, така и во делот на енергетиката, патната и железничката инфраструктура.
„Во делот на евроинтегративните процеси уште еднаш го потенцирав ставот на Владата, дека премногу имаме и како народ и како држава во изминативе децении дадено и дека заслужуваме шанса да ги почнеме процесите безусловно, дека заслужуваме да ги отвараме поглавјата и да ги покажеме нашите капацитети за тоа колку бргу ќе ги затвораме. Останувам подготвен да разговарам со било кого за да изнајдеме решение коешто ќе значи на долг рок вистинско решение со јасен крај – членство во ЕУ“,
истакна премиерот.
Тој посочи Владата ќе ги брани националните интреси и дека нема да води дипломатија на „свиткана кичма“, туку дипломатија која ќе се темелли на аргументи.
„Не водиме дипломатија со која ќе прифаќаме сè што ќе ни биде поставено на маса, туку водиме дипломатија во која ќе ги браниме интересите на нашите граѓани и на нашата татковина, а истовремено ќе работиме со нашите партнери. Германија е наш најголем поддржувач, наш партнер, и убеден сум дека заедно ќе можеме да ги надминеме сите оние предизвици коишто се исправени пред нас и дека ќе се радуваме конечно на членството во ЕУ“,
рече во изјава за МРТ премиерот Христијан Мицкоски.
Во рамките на Берлинскиот процес, Мицкоски оствари средба со германскиот канцелар Олаф Шолц. Средбата се одржа со цел унапредување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан и нивната интеграција во ЕУ.
Премиерите на земјите од регионот го потпишаа Акциониот план за заеднички регионален пазар за периодот 2025-2028 година. Овој документ е насочен кон зајакнување на економската соработка и приближување на регионалните економии кон европските стандарди.