Одговарајќи на новинарско прашање, што како на скопјанец му недостига во Скопје, Мицкоски рече оти очекува да го имаме она Скопје на кое тој се сеќава од својата младост и од деновите кога бил средношколец
Да не дозволиме помали бучни групи и поединци да ја креираат и профилираат нашата иднина, туку граѓаните да си ја земат иднината во свои раце и да излезат и да гласаат на овие локални избори, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, откако денеска го оствари своето гласачко право на вториот круг од локалните избори.

Тој кажа дека очекува, како во првиот така и во вториот круг, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да оствари убедлива победа.
„Јасен е концептот што го нуди коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, јасен е концептот што го нудат нашите политички противници. Благодарност до граѓаните што излегоа во првиот круг и во огромна бројка ја додадоа довербата за коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, градоначалниците и советниците во советите на општините“,
рече Мицкоски.
Додаде оти смета дека овие локални избори ќе бидат продолжение на процесот на реформи и на развој на Македонија, кој, како што кажа, веќе е започнат и ќе следува во наредните години.
Одговарајќи на новинарско прашање, што како на скопјанец му недостига во Скопје, Мицкоски рече оти очекува да го имаме она Скопје на кое тој се сеќава од младоста и од деновите кога бил средношколец.
„Мислам дека тоа е дел од програмата на идниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и мислам дека ќе се види драматична разлика уште во првите денови, во првата недела, во првиот месец, во првата година, споредено со која било претходник од минатото бидејќи верувам дека е мотивиран. Ја има мојата поддршка, ќе ја има поддршката од Владата. Ќе ја има поддршката и од мнозинството советници во Советот и во советите на општините во Град Скопје. Така што очекувам голем чекор напред, како скопјанец да го имаме она Скопје на кое јас сеќавам од мојата младост и од оние денови кога јас бев средношколец и убеден сум дека тоа Скопје ќе дојде многу скоро“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на државата, Христијан Мицкоски.
