Од врвот на Владата велат дека реформската агенда ја сфаќаат како неодложна и полезна домашна работа, но тешко им паѓа барањето за повисоки плати за судиите и обвинителите, за кои ставот на власта е дека не ги заслужуваат. За евентуални гаранции дека уставните измени се последно барање од Бугарија, Мицкоски смета дека потребна е поробустна акција од друг центар на моќ

Владата посветено работи на исполнување на Реформската агенда, за да нема незавршена домашна работа надвор од политичкото прашање со Бугарија, беше кажано на денешниот брифинг со новинарите што го одржаа премиерот Христијан Мицкоски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Дадени се нови препораки за да се имплементира Планот за раст, номинирани се претставници од сите институции за на реформите да се работи без застој и за време на локалните избори. За Владата, Реформската агенда е важна, оти е хармонизирана со сѐ друго што е врзано за Унијата, што во иднина би значело и можност за побрзо затворање на кластерите.
Но, засега нема извесност за политичкиот дел од „домашната работа“, односно обврската за уставни измени. Премиерот бара гаранции дека тоа е последното такво барање на нашиот пат кон членство во Европската Унија. Вели дека разговарал со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, по неговата последна посета на Софија, очекува придвижување на процесот, како и помош.
„Потребна е малку поробустна акција од друг центар на моќ. Инаку, јас разговарав со Кошта, откако заврши неговата посета во Софија, каде кажа дека со право бараме гаранции после сè што направивме во минатото, имавме искрена дискусија. Очекувам некаков тип на приближување со почетокот на следната година. Исто така, разговаравме со уште еден премиер на држава, еве би рекол од трите водечки во ЕУ, и од нивна страна се очекува поробустна акција во насока на решавање на ова прашање, така што очекувам поголема динамика после Нова година“,
рече премиерот.
Мицкоски вели дека со нетрпение ја очекува предлог-резолуцијата за утврдување на македонските црвени линии во однос на евроинтеграциите, што ја најави СДСМ, но вели дека таков предлог уште нема.
Власта смета дека судиите и обвинителите не заслужуваат поголеми плати ниту дека ги заработуваат постоечките
И додека Црна Гора се фокусира на затворање на поглавја, а Албанија на отворање, нашата влада е убедена оти голема е веројатноста да бидеме најдобри со имплементација на Реформската агенда. За забрзување на реформите ЕУ дава и пари, а заклучокот на власта е сите закони кои се дел од реформите треба да се испратат на консултации во Европската комисија пред да влезат во собраниска процедура, што би можело да значи и свесно пролонгирање на роковите сѐ со цел да нема забелешки подоцна.
Министерството за правда ја информирало Владата дека се изработени клучните закони, како Кривичниот Законик, Законот за јавни обвинители, за Судски совет, за Советот на јавни обвинители, за судска служба и јавнообвинителска служба, кои набрзо треба да се дадат на јавна консултација, а подоцна на усвојување во Влада, што се очекува да заврши до крајот на годината.
Министерот за европски прашање Орхан Муртезани вели дека главната загриженост во ЕУ е кога ќе се донесат измените на Кривичниот законик.
На новинарско прашање, премиерот Мицкоски кажа дека министерот за правда со право сменил дел од членовите во работните групи кои веќе работеле на реформа на законите, што значи одново работа на истите прашања.
„Логично е да има промени кога ќе дојде нов министер, бидејќи тој треба да работи со луѓе од доверба. Ако нема доверба во тоа кое го има наследено, тогаш е логично да направи промени, логично е ако има делумна доверба, некои од нив да ги задржи поради институционална меморија и слично, и тоа и го направи министерот. Дел ги задржа, дел се нови членови во тие комисии и законите кои се правеа се генерално врз основа на тоа што претходно беше наследено од страна на работната група бидејќи ние не сакаме да имаме каков било политички импут на тие закони. Впрочем, тие закони на крај треба да дојдат пред Европската комисија и тие да кажат дали ‘тоа е тоа’ или не. Тука нема веќе злоупотреба на европско знаменце како во минатото, па бришење на одредени членови, за да може да се донесе тивка политичка амнестија за поранешни политичари за кои имаме основано сомнение дека сториле криминал“,
кажа премиерот.
Реформите подразбираат и зголемувањето на буџетот во правосудството, конкретно 0,8 проценти од БДП за судство и 0,5 од БДП за Обвинителството, што би значело вкупен издаток од 100 милиони долари годишно – двојно повеќе од постоечкиот.
Ова е пречка, оти предвидени се поголеми плати и за судиите и обвинителите, а власта смета дека тие не ги заслужуваат ниту постоечките примања. Затоа ќе се направи компаративна анализа со пет земји членки на ЕУ за да се види колку пари другите земји издвојуваат за оваа намена.
„Ние како Влада не се согласуваме да има зголемувања на платите на оние кои уживаат 2% рејтинг, затоа што не ги заработуваат и тие плати што сега ги земаат. Ако ставиме процент за зголемени плати, треба барем да знаеме за што ги плаќаме. Лично и тие што ги земаат мислам дека се многу, јас лично би ги намалил“,
неколкупати посочи премиерот на брифингот.
За Владата, премногу пари се трошат и на нашиот претставник во Европравда (Eurojust), за што намерата им е да го сведат на статус на дипломат на ниво на трет претставник во нашата ЕУ-мисија во Брисел, со што би се намалила платата.
Она за што Владата е подготвена да претрпи и последици е одложување на либерализацијата на пазарот за електрична енергија за домаќинствата, оти според Мицкоски тоа би значело двоен или троен скок во сметките за струја, што во моментов е неприфатливо.
Владата нема сознанија за планирани (пред)изборни инциденти
Брифингот за реформската агенда на Владата доаѓа во пресрет на почетокот на изборната кампања. Премиерот цени дека предизборието нема некое големо отстапување во однос на претходните изборни циклуси. Владата нема сознанија за планирани инциденти и покрај заострената реторика.
„Очигледно е дека кај некои политички центри на моќ, кои очекуваат дебакл, креативноста е на најјако, еве јас си го видов својот дигитален споменик“,
рече премиерот.
Тој цени и дека нема потреба од предвремени парламентарни изброи, иако според него, тоа на ВМРО-ДПМНЕ најмногу би ѝ одговарало, но во поглед на државниот интерес би значело ново одложување на започнатите проекти. Тој смета дека не би било чесно да се прекине мандатот, а посочи и дека Владата е и силна и кохерентна.
Предизборниот период се „загреа“ и со наводното прислушкување, за што ВМРО-ДПМНЕ тврди дека и партискиот лидер Христијан Мицкоски бил таргет, а дел од функционерите од оваа партија скандалот го израмнија со обид за државен удар. Сепак, премиерот Христијан Мицкоски вели дека досега не бил повикан на разговор во Обвинителството.
„Од ова Обвинителство не очекувам да ме повика“,
заклучи премиерот.