Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вели дека воопшто не се работи за црна кампања како што тоа го претставува власта, туку за обврска на опозицијата да ја информира јавноста за, како што рече, предизборните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ од ланските парламентарни и од локалните избори пред четири години и нивното (не)исполнување
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвини дека опозицискиот СДСМ од првиот ден на кампањата за локалните избори води црна кампања проследена со напади и ниски страсти. Додаде дека во ниту еден момент не навредил некого во текот на кампањата.

„Имавме исклучиво негативна и црна кампања, ad hominem напади, ниски страсти итн. Јас ниту во еден момент не навредив во оваа кампања никого, а за себе читав дека би било штосно во оваа кампања да ме најдат на парчиња спакуван во оној куфер што го најдоа во близината на штабот на ВМРО-ДПМНЕ, за којшто постоеше основано сомневање бидејќи имаше пријава за подметната бомба. Тоа е од новинар што важи близок до СДСМ, што ова раководство и одредени веб-портали блиски до СДСМ го цитираат и го објавуваат. Вие да кажете дека не ме мразите, туку ме презирате, што би требало да е ниво над мразење, навистина чудна некоја реторика“,
изјави Мицкоски во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на Канал 5.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, пак, во гостување на ТВ Сител рече дека воопшто не се работи за црна кампања како што тоа го претставува власта, туку за обврска на опозицијата да ја информира јавноста за, како што рече, предизборните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ од ланските парламентарни и од локалните избори пред четири години.

„Јас ги разбирам обвинувањата, меѓутоа апсолутно сметам дека водевме фер и чесна кампања. Немавме скриени намери и апсолутно ако нешто не беше оваа кампања тоа е црна кампања. Имаме и обврска граѓаните да ги соочиме со тоа што ВМРО-ДПМНЕ правеше во пресрет на ланските избори, а што од сето тоа имаат исполнето. Понатаму, што советуваа од страна на актуелните градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ пред четири години и што од тоа е исполнето. Тоа е наша обврска. Тоа се нивни ветувања коишто близу 100 отсто не се исполнети. Извинете, но наша обврска е да ги информираме граѓаните за тоа. Тоа воопшто не е црна кампања“,
изјави Филипче.
Изрази уверување дека е препознаен позитивниот и искрен пристап на кандидатите за градоначалници и советници на СДСМ и повика граѓаните да излезат на гласање. Во однос на очекувањата од изборите, Филипче не даде конкретни прогнози и рече дека најдобрата анкета ќе се случи в недела, на денот на гласањето.
Мицкоски во интервјуто за Канал 5, пак, рече дека анкетите ѝ даваат убедлива предност на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ и освоени помеѓу 45 и 50 градоначалнички места.
„Има и оптимистичка варијанта, којашто дел од моите соработници ме убедуваат дека ќе се случи, дека ќе бидеме над 50 градоначалници, но еве би се задржал до онаа моја проценка помеѓу 45 и 50 градоначалници“,
изјави Мицкоски во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5.