Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, попладнево на “Фејсбук” објави видео со кандидатката за министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, тројцата предлози за дополнителни заменици-министри и шефот на неговиот кабинет, Златко Перински, но во него го нема Драган Ковачки – предлогот за технички министер во Министерството за внатрешни работи (МВР).
Објавата на Мицкоски доаѓа во моменти кога се очекува од партијата да соопштат дали ќе останат на предлогот Ковачки да застане на чело на МВР или ќе излезат со ново кадровско решение. Дилемата што се наметнува е дали видеото може да се толкува како сигнал дека опозицијата ќе излезе со нов предлог, бидејќи Ковачки не е меѓу оние со кои се консултира лидерот Мицкоски.
„Ветив работа и жилава посветеност која мора да донесе реални резултати затоа што народот не смее да биде разочаран, а илјадници судбини чекаат подобри времиња и промени, заедно да работиме за Македонија која се обновува. Тоа е голема одговорност која ја прифаќам. За добар почеток на годината, на состанок со мојот кабинет и луѓето кои ќе имаат одговорна задача во Техничката влада да ја заштитат народната волја. Новата година носи надеж, шанса и промени кои ќе донесат обнова. Нека е среќна и бериќетна!“, порача Мицкоски текстуално на “Фејсбук” во истата објава со видеото.
Името на армискиот полковник Драган Ковачки, кого го нема во видеото, стана пречка во разговорите за формирање на техничката влада, бидејќи според Уставот лице кое не било цивил во последните три години не може да раководи со МВР и со секторот одбрана.
Од владејачката партија СДСМ неколкупати порачаа дека мора да се почитува Уставот, а и актуелниот министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој ќе биде технички премиер, денеска изјави дека очекува нов предлог од ВМРО-ДПМНЕ.
Со останатите четири предлози од опозицијата, владејачката партијата порача дека нема проблеми.
Покрај Мизрахи, за дополнителни заменици-министри ВМРО-ДПМНЕ ги предлага: Гордана Димитриеска-Кочоска за финасии, Цветан Трипуновски за земјоделство и пратеничката Невенка Стаменковска-Стојковски за информатичко општество и администрација.
Повеќе детали за биографиите на предложените членови за техничката влада, која треба да се избере в петок, прочитајте ТУКА.