„Естонија ни покажа дека малите земји можат да бидат големи по иновации. Словенија покажа дека администрацијата може да биде мотор на реформите. Тоа се приказни кои почнале како што ние почнуваме денес – со луѓе кои решиле да се обучуваат, да се менуваат и да ја менуваат својата земја“, рече премиерот во своето обраќање на настанот организиран од Министерството за јавна администрација
Ние сме генерацијата која мора да ја извлече државата од мракот на партизацијата и да ја однесе во светлината на европската иднина, порача, меѓу другото, премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на настанот „Инвестиција во административните службеници е инвестиција во иднината на јавниот сектор“, во организација на Министерството за јавна администрација.

Мицкоски, кој беше пречекан од министерот за јавна администрација Горан Минчев, пред присутните рече дека името на настанот не е само слоган, туку визија и обврска кон граѓаните бидејќи, како што кажа, нема модерна држава, без модерна администрација.
„Денес сме собрани со исклучително важна цел – да потврдиме дека реформите не се само зборови во програма, туку дела што се гледаат и чувствуваат. Нема доверба во институциите без професионални, одговорни и мотивирани службеници. Јавната администрација е темелот на државата. Таа сте вие – луѓето кои секојдневно го носат товарот на институциите. Вашата работа е лицето на државата, вашиот став е впечатокот кој граѓаните го добиваат за институциите“,
рече премиерот.
Говорејќи за првиот циклус на генерички обуки на административни службеници, во кој учествуваат 600 службеници од локално и централно ниво, Мицкоски кажа дека тоа е јасен сигнал дека оваа Влада не се плачи од промени, туку ги носи.
„Обезбедивме врвни меѓународни обучувачи, современи програми и методологии кои не само што го пренесуваат знаењето, туку ја менуваат и културата на работење“,
рече тој.

Премиерот упати критики до претходната влада предводена од СДСМ и ДУИ, за која рече дека ја оставила администрацијата демотивирана, со нарушена доверба и со луѓе кои се чувствуваа оставени на цедило.
Тоа време, рече премиерот, завршило, и додаде дека јавната администрација повеќе нема да биде партиски плен.
Рече дека ќе биде професионална, ефикасна и ќе работи за граѓаните, а како примери ги наведе реформите на административните служби на Естонија и Словенија.
„Естонија ни покажа дека малите земји можат да бидат големи по иновации. Словенија покажа дека администрацијата може да биде мотор на реформите. Тоа се приказни кои почнале како што ние почнуваме денес – со луѓе кои решиле да се обучуваат, да се менуваат и да ја менуваат својата земја“,
рече Мицкоски.
Во таа насока, тој наведе дека нашиот пат кон Европската Унија е повеќе од хармонизација на закони.
„Тоа е создавање институции кои работат по европски стандарди. Овие обуки се доказ дека не чекаме да ни биде кажано што да правиме. Ние сме генерацијата што ја презема иницијативата и сака да ја донесе Европа дома – преку современ јавен сектор“,
рече Мицкоски.

Тој упати и апел до министрите, директорите и градоначалниците, кои ги повика да се осигураат дека секој вработен во институциите со кои раководат ќе има пристап до обука, менторство и можност за професионален развој.
„Ве повикувам – учете, прашувајте, дискутирајте. Бидете храбри да воведувате нови практики. Бидете тие кои ќе ја остават администрацијата поефикасна, почесна и посилна од кога било. Заедно ќе создадеме јавен сектор кој нема да биде само апарат на државата, туку двигател на развојот, партнер на граѓаните и гарант на европската иднина на Македонија“,
подвлече премиерот во своето обраќање на настанот.