Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, пак, го поздрави изгласувањето на законските измени за покачување на минималната плати и посочи дека ако во 2016 година биле потребни 4,25 минимални плати за да се покрие потрошувачката кошничка, денеска тоа може да се направи со две минимални плати

Пратениците во Собранието денеска го усвоија покачувањето на минималната плата од 15 200 на 18 000 денари, но лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека тоа не е доволен чекор зашто инфлацијата го јаде покачувањето.
„Овие денови слушаме и гледаме како Владата се фали дека направиле да расте минималната плата. Никој од нас, буквално никој од нас, нема ништо против таквиот чекор, но суштината е дека тој не е доволен. Инфлацијата од рекордни 6,7 проценти одамна го јаде покачувањето на минималната плата, а проблемот останува и со оние илјадници кои не добија никакво покачување. Власта со невидена леснотија го отфрли предлогот на ВМРО-ДПМНЕ во македонското Собрание за усогласување на платите со коефициентите предвидени со колективните договори, а коишто се однесуваат на сложеноста и тежината на работните места и на работните задачи“,
рече Мицкоски на настанот на кој дел од градоначалниците (на Охрид, Демир Хисар, Македонски Брод, Вевчани, Брвеница и Јегуновце) даваа отчет за сработеното во првите 100 дена.
Според Мицкоски, граѓаните се соочуваат со стагфлација и должничко ропство со оглед дека цените на голем број продукти и услуги се покачени односно имаме висока инфлација и стагнирање на економијата.
„И реалниот живот говори дека ако трошоците во 2019 година за едно четиричлено беа околу 32 000 денари, денеска две години потоа, на крајот на 2021 година, тие изнесуваат 35 000 денари. За три години цената на струјата е покачена за повеќе од 30 проценти, цената на бензините е покачена за повеќе од 60%. Маслото за готвење во овој период е покачен за повеќе од 40%. Брашното за 38%, млекото е поскапо за 20 проценти. А, за колку пораснаа платите додека сето ова растеше? Одговорот е нула. Ете, затоа имаме сиромаштија и затоа 500 илјади луѓе во Македонија живеат со помалку од 150 денари на ден“,
рече Мицкоски.
Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, пак, го поздрави изгласувањето на законските измени за покачување на минималната плати и посочи дека ако во 2016 година биле потребни 4,25 минимални плати за да се покрие потрошувачката кошничка, денеска тоа може да се направи со две минимални плати.
„Честитки за нашите сограѓани кои со изгласаниот Закон за минимална плата веќе со мартовската плата ќе можат да го зголемат својот домашен буџет за најмалку 45 евра месечно. Минималната плата од 18 000 денари ќе придонесе кон подигнување на животниот стандард што е наша врвна цел. Сега веќе ќе може платите да растат без дополнителна интервенција, ќе се подига квалитетот на живот на граѓаните и во иднина. За многу кратко време, од 4,25 минимални плати кои беа потребни во 2016 година да се покрие потрошувачката кошничка, денес стигнавме до момент кога со 2 минимални плати се покрива целата потрошувачка кошничка. Нам како Влада ни е најважно сега, во услови на криза, секој денар од буџетот ефикасно да го користиме и да го пренасочиме кон граѓаните и стопанството. Во таа насока продолжуваме посветено да работиме и на зголемувањето на пензиите“,
порача Ковачевски.