Мицкоски вели дека секој има право да го изрази своето незадоволство на мирен протест, но за протестите на кои група граѓани бараа да им се дозволи да возат без возачка дозвола рече дека е преминување на границата и дека државата мора жестоко да реагира
Нема компромис за возење без возачка дозвола – вели премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ги блокадите на патиштата во Битолско и во други делови од државата на кои група граѓани протестираа поради правилата на системот „Безбеден град“ кои налагаат одземање на возилото доколку е управувано без дозвола.
Жители на неколку ромски населби деновиве обвинија за дискриминација тврдејќи дека многумина од нив немаат завршено образование и затоа немаат услови да полагаат за возачка дозвола. Тие палеа гуми и друг отпад блокирајќи коловози, а упатија и жестоки закани барајќи да им се дозволи да возат без возачка.

Мицкоски вели дека секој има право да го изрази своето незадоволство на мирен протест, но она што сега се случува, според него, е дивеење и ја преминува границата.
„Начинот на кој одредена група протестираше можеше да се сфати како закана по животите и слободата на други лица без разлика дали се цивили или припадници на МВР, а од друга страна имаме и уништување на државен имот. Секаде каде што тоа е констатирано, ќе биде поднесена пријава против сторителите. Ако некој мисли дека тоа ќе остане неказнето, мислам дека се лаже. Ако вие на мирен начин го изразувате својот револт, во ред, но ако тоа ја помине границата, државата мора жестоко да реагира“,
изјави Мицкоски во интервју за МРТ.
Премиерот повтори дека од МВР побарал жестоко да се реагира за случајот и да се санкционираат оние што го загрозуваат правото на слобода, го уништуваат државниот имот или нанесуваат друг тип на штета.
„Додека сум јас претседател на Влада, мора да се почитуваат законите. Законот вели дека за да управуваш патничко возило мора да имаш важечка сообраќајна дозвола, ако немаш нема да управуваш, а ако управуваш без важечки документ ќе бидеш одговорен пред закон. Тука нема компромис“,
вели Мицкоски.
Во интервјуто за МРТ, премиерот вели дека е задоволен од проектот „Безбеден град“ и дека резултатите од неговото имплементирање се гледаат уште од првиот ден.
