„Верувајте дека анализата покажа дека ад хок ограничување на маржи се прелева во месеците кои што следуваат. Сега тука има една дилема, ако воспоставиме еден континуитет цела година, тогаш дали имаме пазарна економија и дали имаме општество коешто се темели на пазарната и слободна економија? Но, тоа не значи дека ќе толерираме дивеење од страна на одредени синџири супермаркети коишто преку скриен маркетинг се обидуваат да ги изиграат законите“, изјави премиерот

Нема да толерираме дивеење од страна на одредени синџири супермаркети коишто преку скриен маркетинг се обидуваат да ги изиграат законите, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој најави дека Комисијата за заштита на конкурентноста многу скоро ќе излезе на терен по што ќе следуваат санкции за скриените „маркетинг услуги“.
„Последните состаноци коишто ги имавме на оваа тема со експерти се во таа насока дека главен поттикнувач на сето ова претставуваат услугите и анализиравме во проценти, во одредени сектори тие се зголемени за повеќе од 20 проценти. Тука ние како Влада не можеме премногу, немаме голем маневарски простор за да интервенираме. Но, секако со ваквиот начин на однесување каков што е еве да речеме, пред почетокот на учебната година ограничување на маржите, а како репер да бидат цените од 1 јуни за училиштен прибор, опрема и друг тип на помагала коишто им се потребни на учениците, но и да го олеснат, би рекол, во поднослива состојба биде семејниот буџет, ние тоа ќе го правиме. И тоа го правиме. Верувајте дека анализата покажа дека ад хок ограничување на маржи се прелева во месеците кои што следат. Сега тука има една дилема, ако воспоставиме еден континуитет цела година, тогаш дали имаме пазарна економија и дали имаме општество коешто се темели на пазарната и слободна економија? Но, тоа не значи дека ќе толерираме дивеење од страна на одредени синџири супермаркети коишто преку скриен маркетинг се обидуваат да ги изиграат законите“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на новите 29 лесни оклопни возила во касарната „Јане Сандански“ во Штип.
Тој потенцира дека како влада не може да ги ограничат рестораните, кафулињата или транспортните компании која цена ќе ја постават за услугите што ги нудат но, како што нагласи и таму ќе има мерки.
Премиерот додаде дека резонирањето и размислувањето во иднина ќе биде во делот на зголемување на продуктивноста.
„И во делот што се однесува на примањата, резонирањето и размислувањето во иднина ќе биде во делот на зголемување на продуктивноста. Поврзување на продуктивноста со зголемување на личните доходи. Да, тоа може да има за нас и политички последици, ќе има и сигурно некои што ќе бидат незадоволни, но подобро еве да ги имаме тие политички последици сега отколку граѓаните на долг рок да чувствуваат ваков тип на, би рекол, неконтролирана инфлација. Иако морам да кажам дека во рамките на јули месец ние се движиме во рамките на тие 4,5 проценти инфлација како и сите држави во регионот од Унгарија, од Словенија па се до Грција. Така што, ова е еден поопфатен пристап којшто очекуваме дека на среден рок ќе даде исклучително големи резултати“,
рече Мицкоски.