Тој ја потенцира важноста од воспитувањето на децата од најмала возраст и рече дека ќе инсистира на тоа поимот семејство во читанките да не биде „јас, мама и тато“, туку да се дефинирано како „јас, мама, тато, бато и дада“

Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека нема да има воведување данок за неженети и немажени граѓани, појаснувајќи дека неговата претходна изјава била со цел да се поттикне јавна дебата за исклучително загрижувачката демографска рецесија во Македонија. Мицкоски ја нагласи својата длабока загриженост за драстичното намалување на наталитетот и бројот на склучени бракови во земјата.
„Се извинувам на тие што можеби погрешно ја протолкуваа таа моја иницијатива, но факт е дека сум исклучително загрижен за демографската состојба во Македонија и факт е дека како претседател на Владата е моја одговорност да бидам загрижен за демографската иднина на мојата татковина“,
изјави Мицкоски повикувајќи на заедничка работа за зголемување на бројот на новороденчиња.
Премиерот посочи бројки, наведувајќи дека има 30 отсто рецесија на новородени бебиња, од 23 000 во 2016 година на 16 000 во 2024 година. Бројот на новосклучени бракови, рече тој, е намален за 17 отсто во изминатите три години, од над 13 300 во 2021 на 11 100 во 2024 година.
„Ние тивко исчезнуваме и изумираме, а тоа поминува така незабележано и како да треба да се помириме со тоа“,
рече Мицкоски.
Иако се радува на јавната дебата и предлозите што ги добивал за финансиска поддршка, премиерот смета дека финансиските средства не се единственото решение.
Како пример ја наведе Јужна Кореја, за која рече дека и покрај вложени 270 милијарди долари во последните 15 години, има најниска стапка на фертилитет во светот од 0,75 отсто.
„Држава со, што би рекол, најнизок фертилитет во светот. Има потрошено, според ‘Гардијан’, 270 милијарди долари последниве 15 години, според ‘Си-ен-ен’ 200 милијарди долари во последниве 15 години, за да стигне на стапка на фертилитет 0,75. Главниот град Сеул има ставка на фертилитет 0,5. Тоа значи две мајки раѓаат едно дете“,
рече Мицкоски, кој смета дека не е до финансиите, туку до срцето и главата.
Тој ја потенцира важноста од воспитувањето на децата од најмала возраст и рече дека ќе инсистира на тоа поимот семејство во читанките да не биде „јас, мама и тато“, туку да се дефинирано како „јас, мама, тато, бато и дада“.
Мицкоски посочи дека слична состојба постои и во други земји како Грција, Германија и Полска.
Потсети дека во неговата изборна програма семејството било на прво место, со акцент на татко и мајка, а не „родител 1 и 2“.
„Парада на семејството е мојата гордост. Можеби некој ќе ми замери. Тоа е тоа. Не можам на сите да им погодам. Но, ова е политиката којашто јас додека сум претседател на Владата ќе ја водам. И повторно ќе кажам, се разбира, нема никакви даноци, целта ни беше само да испровоцираме јавна дебата, и се извинувам длабоко ако некој погрешно ме разбрал“,
заклучи премиерот.