Коментирајќи ја вчерашната акција за чистење на Скопје што ја почна новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, Мицкоски рече дека изгледа смешно тоа што сме доведени во ситуација во 21 век да зборуваме за елементарни работи

Нечистењето на ѓубрето е политичка стратегија на опозицијата, рече премиерот Христијан Мицкоски и додаде дека тоа и нанело штета на Владата и на државата.
Коментирајќи ја вчерашната акција за чистење на Скопје што ја почна новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, Мицкоски рече дека изгледа смешно тоа што сме доведени во ситуација во 21 век да зборуваме за елементарни работи.
„Навистина изгледа смешно, јас ве разбирам и јас понекогаш можеби би се насмеал за сето ова кое што го зборуваме. Но, за жал се доведовме до една ваква ситуација и оваа беше политичка стратегија на опозицијата, преку неработењето на претходната градоначалничка нанесе штета, пред се на Владата и на државата. И морам да признам дека во одредена мера успеа со сето тоа“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Мицкоски го пофали новиот градоначалник за брзата реакција и кажа дека уште првиот ден ги засукал ракавите и започнал со работа.
„Градоначалникот вчера во исклучително рекордно време успеа да ги мобилизира сите капацитети. Но, исто така им благодарам и на општествено одговорните компании кои се вклучија во акцијата и мислам дека вчера беше сето тоа убаво и една ваква робусна акција денеска ако ништо друго можевме да видиме дека контејнерите се барем празни и чисти“,
рече премиерот.
Премиерот истакна дека проблемот со чистењето е елементарна работа за 21 век, но дека мора да се направи.
„Ние таа лекција ја научивме и затоа уште во првиот ден ги засукавме ракавите и започнуваме од темелите или од под темелите. Така беше во владата кога дојдовме со долгови, така и во градот. Така што мора да гребеме од под темелите, за да дојдеме до површината и потоа да градиме нагоре“,
објасни Мицкоски.
Тој заклучи дека првиот впечаток е многу важен и дека новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски веќе го оправдал.
За акцијата за чистење на Скопје, која почна синоќа, денеска градоначалникот Ѓорѓиевски рече дека не била маркетинг и оти таа ќе продолжи во континуитет, секој ден.
Денеска од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) рекоа дека ВМРО-ДПМНЕ намерно го блокирале собирањето смет и не направиле ништо, ниту преку ЗЕЛС ниту преку Управниот одбор на „Комунална хигиена“, само за Орце Ѓорѓиевски да прави пиар.
