„Од една страна, велат дека премиерот и Владата се виновни и вршат притисок врз судиите кои се добри, чесни и си ја вршат работата независно, но повикуваат да се формира Анкетна комисија и работата да се префрли во парламентот“, изјави премиерот обвинувајќи дека опозицијата е таа што врши политичко мешање и притисоци
Не знам како би можело да има политичко мешање од страна на Владата – вели премиерот Христијан Мицкоски прашан дали јавноста може да очекува фер и транспарентно судење за случајот „Пулс“ без политички притисоци.

„Видете, не знам дали некогаш во демократска Македонија и пошироко се случило здружено обвинители и судии да нападнат претседател на Влада за кажан збор во демократска држава. Јас тоа го доживеав. Така што, не знам како би можело да има политичко мешање од страна на Владата. Тоа го исклучувам“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски” во Скопје.
Премиерот обвини дека опозицијата, а не власта, е таа што врши политичко мешање и притисоци.
„Од една страна, велат дека премиерот и Владата се виновни и вршат притисок врз судиите кои се добри, чесни и си ја вршат работата независно, но повикуваат да се формира Анкетна комисија и работата да се префрли во парламентот. Ако судиите се добри, чесни и ја вршат работата како што треба, зошто има потреба од Анкетна комисија. Некако во фрикција ми се изјавите. Не знам кој им ги подготвува пораките во јавноста. Збунувачки се, црно-бели се. Во истата изјава велат дека владата врши притисок врз судиите кои чесно ја вршат работата, но повикуваат во Собранието да се формира Анкетна комисија и надзорна расправа. Не ја разбирам суштината“,
вели Мицкоски.
По осум месеци од пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, вчера во судницата во „Идризово“ започна судскиот процес за трагедијата што се случи на 16 март годинава, а во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, соопшти дека будно ќе го следат судскиот процес за Кочани и дека ќе се спротивстават на секој обид за манипулација, прикривање на вистината или одолговлекување на правдата.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ порача дека судот има обврска и одговорност да има правда за случајот со Кочани.
