„Тоа беа редовни коалициски координации. Многу скоро од денеска ќе се знае“, изјави премиерот прашан за детали околу вчерашната средба и разговорите со коалициските партнери во врска со најавената реконструкција на Владата
Премиерот Христијан Мицкоски не открива детали околу вчерашната средба со коалициските партнери во врска со најавената реконструкција на Владата. Одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Општина Аеродром, Мицкоски вели дека многу скоро од денеска ќе се знаат имињата кои ќе бидат дел од владиниот состав.

„Па, тоа беа редовни коалициски координации. Многу скоро од денеска ќе се знае“,
изјави Мицкоски.
На прашањето дали Мухамед Хоџа е предлогот на ВЛЕН за министер за животна средина и просторно планирање, како што неофицијално објавија дел од медиумите, премиерот повторно не даде одговор. Не откри ниту какви се барањата и предлозите од коалициските партнери.
„Видете, ако имав што повеќе да споделам, ќе дадев одговор уште на првото прашање“,
додаде тој.
Мицкоски уште во август годинава најави дека по локалните избори наесен ќе следува реконструкција на Владата, но не поради лошо владеење, туку, како што рече, поради јакнење на капацитетите.
Измените во владиниот состав се уште поизвесни откако првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити на локалните избори беше избран за градоначалник на Чаир. Извесна е и промената во ресорот за односи меѓу заедниците, чиј министер Иван Стоиљковиќ влезе во Советот на Општина Куманово како кандидат на Демократската партија на Србите во Македонија, чиј лидер е.
На местото на Изет Меџити коалицијата ВЛЕН го предлага Беким Сали, а според нив, на министерската функција во Животна средина и просторно планирање треба да биде предложен друг кандидат.
