Атмосферата меѓу двете земји, според премиерот, уште повеќе да се вжешти бидејќи, како што рече, кај нас сè уште постојат структури кои се подготвени да коленичат пред бугарските власти и да бидат мекото ткиво на македонската надворешна политика
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека не очекува промена во односите и атмосферата помеѓу Македонија и Бугарија. Атмосферата меѓу двете земји, според него, уште повеќе да се вжешти бидејќи, како што рече, кај нас сè уште постојат политички и општествени структури кои се подготвени да коленичат пред бугарските власти и да бидат мекото ткиво на македонската надворешна политика.

„Сè додека има такви политички структури и општествени сили јас не очекувам промена на односот на нашиот источен сосед. Ние како влада сме секогаш подготвени за билатерални разговори и соочување на нашите аргументи и секако оние аргументи кои ќе преовладаат ние сме подготвени да ги прифатиме исто како што очекуваме спротивната страна да ги прифати нашите аргументи ако преовладаат“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
На новинарско прашање дали власта се подготвува за внесување на Бугарите во Уставот, како што деновиве тврди опозицискиот СДСМ, Мицкоски рече:
„Па, некои прашања и не заслужуваат одговори, такво е и ова прашање. Мислам дека одговор на ова прашање дадов во воведниот дел од моето денешно обраќање.“
Во своето воведно обраќање, пак, кое го даде по свечената богослужба по повод одбележувањето на 123-годишнината од смртта на Гоце Делчев, премиерот Мицкоски рече дека сè уште постојат земји членки на Европската Унија кои не ги почитуваат и не ги спроведуваат вредностите на македонскиот револуционер.
„Имаме такви земји кои го негираат идентитетот на македонскиот великан Гоце Делчев и македонскиот многувековен идентитет. Во 21 век македонскиот народ сè уште се соочува со овие предизвици со кои не би требало да се соочува. Наместо да се бориме за заедничка и подобра иднина, ние отвораме прашања од минатото, а некои од нив имаат корени во средниот век. Ние како влада ќе опстоиме на она што претставува наш корен, ќе останеме на линијата на македонскиот идентитет. Тоа е црвената линија и нема ни милиметар да отстапиме“,
изјави Мицкоски по богослужбата.
На денешната богослужба во кругот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, покрај премиерот, присуствуваа и министерот за надворешни работи и вицепремиерот за политички систем Љупчо Димовски.
