Седницата на Централниот одбор на СДСМ, која беше одложена во вторникот поради тридневната жалост за загинатите од автобуската несреќа, треба да се одржи вечерва и на неа се очекува да биде разгледана оставката на претседателот на партијата Зоран Заев
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е дециден дека и по евентуалната оставка на Зоран Заев, за која вечер ќе расправа Централниот одбор на СДСМ, моделот на владеење нема да се промени.
„Претпоставувам дека Заев се обидува да најде некој пиун кој ќе го продолжи неговиот лик и дело и во Владата и во СДСМ“
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашање за време на посетата на општина Аеродром.
Тој не очекува раководењето на СДСМ да се смени со заминувањето на Заев од лидерската позиција, но како што вели „тоа си е нивна работа, тие најдобро знаат како треба да функционираат“.
Седницата на Централниот одбор на СДСМ, која беше одложена во вторникот поради тридневната жалост за загинатите од автобуската несреќа, треба да се одржи вечерва и на неа се очекува да биде разгледана оставката на претседателот на партијата Зоран Заев.
Доколку оставката биде прифатена, почнува постапка за избор на нов претседател на партијата. Според Статутот на партијата, предвиден е рок од 15 дена за распишување внатрепартиски избори за нов претседател на СДСМ.
Прашан што очекува од Алтернатива, која исто така вечерва одржува седница на Централното претседателство, Мицскоски одговори дека нема информации каков заклучок органите на партијата ќе донесат и дека не разговарал на таа тема со лидерот Африм Гаши.
„Алтернатива има две опции – да ја прифати понуда на Заев и да влезе во оваа влада, која ние ја оценуваме со најниска оценка и е можеби најлоша во 30 години независна Македонија, или да остане во опозиција. Си имаат раководство, стратегија, тие одлучуваат за нивната иднина. Да ги почекаме одлуките на двете партии кои денеска имаат состаноци на највисокото раководство, па ќе ги коментираме“,
рече Мицкоски.