Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека „фрлаат ракавица“ и јавно се откажуваат од техничка влада сто дена пред избори и оти како партија се подготвени веднаш по итна постапка да гласаат за измена на Законот за Владата и Изборниот законик
Последниот рок кога според Мицкоски треба да се одржат предвремените избори е мај. Сепак, во дел од изјавата, повикувајќи се на бизнисмените, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека доколку се прашаат тие, нивниот став би бил или предвремени избори сега или следната година заедно со претседателските
Предвремени избори во мај или најдоцна во јуни, без техничка влада сто дена пред нивното одржување, е ставот и коментарот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во врска со изјавите што изминативе денови дојдоа партијата на Али Ахмети дека за неколку месеци Владата ќе го има првиот премиер Албанец.

Мицкоски вели дека „фрлаат ракавица“ и јавно се откажуваат од техничка влада сто дена пред избори и оти како партија се подготвени веднаш по итна постапка да гласаат за измена на Законот за Владата и Изборниот законик.
„Нема потреба од никаква техничка влада, нема потреба од 100 дена, веднаш да одиме на избори и мислам дека тоа е разумно. Стоиме на располагање, не мора техничка влада, со Оливер Спасовски за министер за внатрешни работи, со не знам кој да биде таму премиер, дали овој ќе остане, дали ќе дојде некој друг, со овој министер за финансии, заменик-министер за финансии, со овој министер за труд и социјала. Еве, како што е вака, ние сме подготвени да одиме на предвремени парламентарни избори“,
изјави Мицкоски од Битола каде што денеска беше на средба со Регионалната комора на стопанственици.
Последниот рок кога според Мицкоски треба да се одржат предвремените избори е мај. Сепак, во дел од изјавата, повикувајќи се на бизнисмените, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека доколку се прашаат тие, нивниот став би бил или предвремени избори сега или догодина заедно со претседателските.
„Зошто велам последниот рок мај? Затоа што знаете ако зборуваме за есенски избори и овие луѓе овде (покажува кон бизнисмените) ги прашате дали сакате да имате есенски избори оваа година, а пoтоа претседателски избори следната година, бизнисот и државата да бидат во грч повеќе од 10 месеци тогаш сигурно ќе ви речат ве молам немојте да правите такви глупости. Или сега направете предвремени избори или тогаш заедно во еден трошок нека бидат и претседателските и парламентарните. Иако можеби оваа моја изјава ќе има и критика од одредени структури, но ВМРО-ДПМНЕ е државотворна партија, народна партија и интересот на народот ни е пред се. Ние сме партија која е пробизнис ориентирана и сакаме овие луѓе да бидат што поуспешни. Така што за мајски избори, еве нека биде и првата половина на јуни стоиме на располагање не мора техничка Влада“,
изјави Мицкоски.
Инаку, неделава министерот за надворешни работи Бујар Османи и првиот вицепремиер и министер за политички системи и односи меѓу заедниците Артан Груби, во две одвоени можности, изјавија дека за неколку месеци Владата на Северна Македонија ќе го има првиот премиер Албанец.
За ова, како што истакна Груби во гостување на косовската телевизија „Дукаѓини“, има согласност и ветување и од актуелниот премиер и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.
„Ковачевски на првата средба пред да биде избран, на која беше и Зоран Заев и други, вети дека ќе важи истиот договор што беше постигнат со Ахмети и се ракувавме. Тој рече дека во последните 100 дена, кој и да е, ќе ја напушти функцијата, а Албанец или Албанка ќе биде премиер“,
рече Груби.
Во првичната реакција што дојде до ВМРО-ДПМНЕ по изјавата на Груби од опозициската партија рекоа дека ДУИ почна му ги одбројува месеците на Ковачевски.
Изборот на премиер Албанец произлегува од коалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ од 2020 година, потпишан од тогашниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, и од Али Ахмети, според кој, во последните 100 дена од Владата до изборот на нова премиер ќе биде Албанец/Албанка.
Според Законот за Влада 100 дена пред избори, откако премиерот на Владата ќе поднесе оставка, Собранието избира нова преодна Влада за спроведување на изборите што ќе ја предводи премиер што ќе го предложи најголемата партија што го формира владиното мнозинство, што во случајот е СДСМ.
Доколку не биде прифатена „фрлената ракавица“ од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да се оди на избори без техничка влада, тогаш според Законот неговата партија ќе треба да предложи министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и дополнителни заменик-министри за финансии, за земјоделство и за информатичко општество и администрација.