ВМРО-ДПМНЕ, вели Мицкоски, во овој предмет не е обвинет, односно не е странка во постапката, а со пресудата се одзема имотот на ВМРО-ДПМНЕ, со што, како што потенцира тој, „се повредува уставно загарантираното право на сопственост, без притоа да се сослуша претставникот на политичката партија согласно одредбите од законот за кривичната постапка“
На власта на СДСМ и ДУИ и треба дефокусирање на вниманието од животот во ценовни шокови и енормна инфлација и зголемена сиромаштија и затоа во моментот се случуваат два паралелни процеси. Едниот е посипување на лаги кон ВМРО-ДПМНЕ и мене лично, а вториот процес е дефокусирање на јавноста преку судски процеси и политички прогон како што го гледаме преку случајот „Талир 2“, рече на денешната прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Неговиот став, како што рече, и натаму е „и родената сестра ако се огреши пред законот треба да одговара, но не преку политички монтирани процеси и окторирани и партизирани обвинители и судии“.
„И немам дилеми дека треба да има апсолутна правда, безусловно почитување на законите и Уставот. Но, сето тоа треба да биде низ правна процедура. Сакам да ја искористам оваа можност ги пренесам до јавноста правните факти за случајот „Талир 2“ кој за жал нити обвинителството, а ниту партизираното и корумпирано судство и судија ги земаа во предвид“,
посочи Мицкоски.
Наведувајќи ги овие, како што вели, правни факти, Мицкоски посочи дека самата објава на оваа пресуда наликувала на се освен на процесно дејствие. Истата, според него, наликувала на „политички процес во режија на СДСМ, ДУИ, обвинителите и судиите“. Тој додаде и дека истечен е рокот за да се води каква било постапка за овој предмет.
ВМРО-ДПМНЕ, вели Мицкоски, во овој предмет не е обвинет, односно не е странка во постапката, а со пресудата се одзема имотот на ВМРО-ДПМНЕ, со што, како што потенцира тој, „се повредува уставно загарантираното право на сопственост, без притоа да се сослуша претставникот на политичката партија согласно одредбите од законот за кривичната постапка“.
Според него Кривичниот суд надвор од надлежностите поништил договор кој ВМРО-ДПМНЕ го склучиле со АД Бетон Скопје и конфискуваладел кој е сопственост на партијата.
„Во најмала рака е нелогично како овој договор е незаконит само за ВМРО-ДПМНЕ и се конфискува имотот кој го стекнала партијата, а е законит партнерот во тој договор и не му е имотот конфискуван. Уште една нелогичност е дека предмет на конфискација е исклучиво објектот сопственост на партијата, а не и земјиштето на кое објектот е изграден. ВМРО-ДПМНЕ на предметната локација имаше објект познат „Жолтата зграда“ кој за никого не е спорно дека припаѓаше на партијата. Се поставува прашањето што со тој објект? Со ваквата пресуда ВМРО-ДПМНЕ е двапати незаконито оштетен, еднаш за новиот објект и еднаш за стариот објект неспорен за никого дека припаѓаше на ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Мицкоски.
Тој најави дека тие ќе поднесат жалба откако писмено ќе ја добијат пресудата пред Апелациониот суд, а не ја исклучи можноста за отворање и на постапка пред судот во Стразбур.
„Не очекуваме дека нешто може во ова партизирано и октороирано обвинителство и судство да се измени, но ние ќе ги искористиме сите правни механизми кои ни стојат на располагање, а ќе ја разгледаме и опцијата да отвориме постапка и пред судот во Стразбур и правдата ќе биде докажана. Ние ќе продолжиме со нашата борба уште помотивирани, и уште поконцентрирани. Единствениот начин за победа над сиромаштијата, стопирање на инфлацијата, економијата да ни оди напред е смена на оваа власт“,
заклучи Мицкоски.