Премиерот потврди дека нивната цел е редовен изборен циклус во 2028 година, а по внатрешната партиска консолидација на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, во мај или во јуни ќе се разговара за нов владин кабинет
Премиерот Христијан Мицкоски денеска категорично ја отфрли можноста за предвремени парламентарни избори годинава, со образложение дека фокусот на Владата останува на реформите и на меѓународната агенда. Тој рече оти наместо изборно соочување, пролетните месеци треба да донесат преговори за освежување на кадрите во извршната власт.

Во изјава за медиумите по настан посветен на младите и на вештачката интелигенција, премиерот појасни дека иако по убедливата победа на неодамнешните локални избори, политички би им одговарало ново гласање – тоа во овој момент не би било државнички потег. Токму затоа, рече оти нивна цел останува редовниот термин за избори да се одржи во 2028 година напролет.
„Мислам дека треба да се фокусираме на реформите. Јас се вратив со добри вести од Брисел, само ќе чекам самата Европска комисија да ги соопшти во делот на испораката на реформската агенда. Не би сакал да бидам тој што тоа ќе го каже. Но, јас сум задоволен, и оние средби што ги имаме и координативните состаноци за испорака на реформи кои се дел од Реформската агенда вродија со плод, така ќе продолжиме и во иднина. Наш приоритет е испораката на реформи и стабилност во регионот, нешто што го правиме“,
рече Мицкоски.
Мицкоски вели оти во мај или во јуни ќе започнат разговорите за нов владин кабинет и евентуални промени на кадар. Ова ќе се случи откако ќе заврши процесот на внатрешно консолидирање во ВМРО-ДПМНЕ, но и во коалицијата ВЛЕН, која, според неговите информации, до април треба да прерасне во единствена политичка партија.
„Мислам дека уште во април ќе заврши ова внатрешно консолидирање и веќе во мај и јуни ќе почнат овие разговори околу новиот владин кабинет и други институции“
рече тој.
Паралелно со домашните политички процеси, премиерот најави и засилена дипломатска активност бидејќи на почетокот на април, владина делегација предводена од него ќе отпатува во Вашингтон на нова сесија од Стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави. Тој очекува плодни и успешни резултати од овие средби, оценувајќи ги САД како најголем стратешки партнер на државата.
„Имаме серија меѓународни активности со кои само се потврдува дека оваа влада води принципиелна и стратешки важна надворешна политика, а не политика на коленичење и на очекување милост“,
заклучи тој.
Вчера, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во гостување во емисијата „Топ тема“ на телевизијата Телма рече оти Македонија и Соединетите Американски Држави (САД) на 7 април во Вашингтон ќе одржат сесија од стратешкиот дијалог меѓу двете држави. Како што кажа Муцунски, со тоа ние ќе бидеме првата земја од Европа што во мандатот на актуелната администрација на САД ќе има стратешки дијалог во Вашингтон со американскиот Стејт департмент.
