Од акциите, рече премиерот, нема да се прави естрада и јавноста за нив ќе биде информирана преку соопштенија, а потоа, како што додаде, очекува во транспарентни судски процеси да се докажува вината или невиноста на осомничените
Во периодот што следува, од информациите со кои располагам, ќе има десетици вакви случаи, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ја последната акцијата на МВР и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција под името „Адитив“.
На овој начин премиерот Мицкоски најави нови истраги за случаи на сторен криминал и корупција, кои ќе ѝ бидат соопштени на јавноста откако ќе бидат обезбедени докази од МВР и од, како што рече, срамежливото обвинителство.
„Па, ќе продолжи, да. Гледате дека се држиме до тоа што сме го кажале. Кога ќе се обезбедат докази и основано сомневање за сторен криминал Министерството за внатрешни работи заедно со срамежливото обвинителство влегуваат во акција. Таа акција (Адитив н.з) беше спроведена пред неколку дена, 23 лица се осомничени и два правни субјекта. Во периодот што следи десетици случаи се работат. На македонските граѓани ќе им стане многу јасно што се случувало изминативе години“,
изјави премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при неговата посета на поставувањето камен-темелник за изградба на фабрика за електронски батерии за автомобили на белгиската компанија „Авеста батери енд енерџи инженеринг“ (Avesta Battery and Energy Engineering) во ТИРЗ Кичево.
Од акциите, рече премиерот, нема да се прави естрада и јавноста за нив ќе биде информирана преку соопштенија, а потоа, како што додаде, очекува во транспарентни судски процеси да се докажува вината или невиноста на осомничените.
„Така што нема да се случува како што беше во минатото, на полноќ или наутро да влегуваат специјалните единици вооружени до заби во домовите на лицата коишто се осомничени и сето тоа камера да го снима и сл. Да правиме страда од сето тоа, нема да биде, ќе биде вака преку соопштенија, а потоа преку еден фер и транспарентен судски процес очекувам секој да ја докажува својата вина или невиност во целиот случај“,
изјави Мицкоски.
Во акцијата под кодното име „Адитив“, која беше реализирана во вторникот, осомничени се вкупно 23 лица, од кои дел се поранешни директори на државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“.
Како што информираа од Обвинителството, во период од 13.4.2023 до 23.8.2024 година дел од осомничените во својство на службени лица во АД ЕСМ и АД „Пошта на Северна Македонија“ создале група која имала за цел вршење кривични дела злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари и други приноси од казниво дело предвидено и казниво по чл. 273 од Кривичниот законик.
Осомничените преку нивни фирми, кои претходно ги пререгистрирале меѓусебно се договарале да ги изиграат постапките за набавка на адитив за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК „Битола“ и подружница РЕК „Осломеј“.
Штетата од криминалните и коруптивните дела се проценува на околу 6,5 милиони евра.
Меѓу осомничените се најдоа и имињата на двајцата ексдиректори на ЕСМ, Васко Ковачевски и Васко Стефанов.
Стефанов дента кога беше објавена акцијата беше надвор од државата, но се врати по што беше уапсен и во моментов издржува мерка притвор, со уште осуммина од осомничените.
Неговиот претходник на функцијата директор на ЕСМ, Васко Ковачевски сè уште е недостапен за органите на прогонот бидејќи се наоѓа надвор од државата. Инаку, за него, како што беше кажано на брифингот со новинарите во Јавното обвинителство на РСМ во средата, нема докази дека бил дел од организаторите на групата и тој е осомничен за кривичното дело несовесно работење во службата.