„Со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта патуваме во Тирана, на самитот на Европската политичка заедница, каде имам средба со премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер со добри вести за Македонија“, напиша премиерот на Фејсбук
Премиерот Христијан Мицкоски попладнево во социјалните мрежи објави дека во Тирана ќе има средба со премиерот на Велика Британија, Кир Стармер.

Средбата, како што пишува премиерот во кратката објава на неговиот официјален фејсбук-профил, ќе биде во рамките на самитот на Европската политичка заедница што утре ќе се одржи во главниот град на Албанија.
Мицкоски во Тирана попладнево замина заедно со претседателот на Советот на Европската Унија, Антонио Кошта кој е на турнеја во земјите од Западен Балкан, а во рамките на која денеска беше во посета на земјава.
Во врска со средбата со британскиот премиер, Мицкоски најавува добри вести за Македонија.
„Со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта патуваме во Тирана, на самитот на Европската политичка заедница, каде имам средба со премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер со добри вести за Македонија“,
напиша премиерот на социјалните мрежи.
Претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта денеска на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин, премиерот Христијан Мицкоски говорејќи за евроинтегративниот процес на земјава, рече дека процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија се одвивал навистина предолго време и сега е ред да се испорачаат резултати, а за тоа е потребно истовремено да чекориме во две паралелни димензии.
Рече дека она што е договорено во 2022 година е договорено и сега треба да се реализира, нема простор за нови барања, а в контекст на спорот со Бугарија.
На прашањето дали Европската Унија има план Б за надминување на барањата на Бугарија, Кошта беше дециден дека Македонија треба да се фокусира на планот А.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата, рече дека подготвен за разговори со бугарска страна во кое било време за соочување на аргументите за спорот околу внесувањето на Бугарите во Уставот.
Тој потенцираше дека ставот за уставните измени останува непроменет и дека ќе остане таков додека Софија не покаже добра волја и не ги спроведе 14-те пресуди од Судот во Стразбур кои се однесуваат на Македонците во Бугарија.
Премиерот порача дека посветеноста на земјава кон процесот на евроинтеграција ќе остане и ќе се засили во претстојниот период и изрази надеж дека тој ќе биде одблокиран со достоинство, како една од основните вредности на Европската Унија.