Тоа не значи дека луѓето кои ќе се заменат биле лоши или немарни, но на Владата секогаш и треба зголемен капацитет, уште посилно темпо за промените кои ги правиме, кажа Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски најави реконструкција на Владата по одржувањето на локалните избори во октомври. Причините, како што наведе тој, не се поради лошо владеење, туку поради јакнење на капацитетите. Ќе се менуваме, надоградуваме и усовршуваме врз основа на потребите и барањата на граѓаните, рече Мицкоски.
„Веднаш после изборите ќе ги отвориме и вратите од партијата за нови смени и за нови луѓе, и во Владата ќе има реконструкција и подобрување на капацитетите. Веќе добро знаеме како може уште посилно и похрабро со зголемени потенцијали. Тоа не значи дека луѓето кои ќе се заменат биле лоши или немарни, но на владата секогаш и треба зголемен капацитет, уште посилно темпо за промените кои ги правиме. А, ние се наоѓаме на патот на промените, на патот на градење на промени и за прв пат после долго време, на градење на заеднички успеси кои ќе донесат подобра иднина и шанса каква генерации и генерации млади чекаа“,
рече Мицкоски.
Пораката за реконструкцијана Владата, Мицкоски ја упати од говор на т.н. саем на градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, под називот „Четири години работа за тебе“.
Во говорот за локалните избори премиерот обвини и дека СДСМ и ДУИ подготвуваат таен план за уривање на изборниот процес. Мицкоски кажа дека изборите нема да бидат вратата за влез на ДУИ во Владата и дека е време да се открие „вистината за валканите игри кои се подготвуваат зад кулисите“. Според него, СДСМ и ДУИ имаат смислено и координирано сценарио за хаос, политичка магла и манипулации.
„Со инфлација од независни кандидатури и фантомски листи сакаат намерно да го урнат изборниот процес. Да го збунат гласачот и да ја изиграат демократијата и да ја заматат чистата слика на нивниот историски пораз што доаѓа. Но зад оваа игра не стојат само партиските штабови. Во таа намера длабоката држава на СДС и ДУИ и нивните луѓе распределни се во судството, изборната комисијаа и инстиуциите. Тие денес се во коалиција за да го спречи поразот што ќе им го донесе ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на локалните избори“
рече Мицкоски.
Тој ги пофали постојните градоначалници за сработеното, истакнувајќи дека немаат ниту една афера зад себе. Се осврна на проектите од парите кои Владата ги издвои за општините и најави понатамошна соработка со локалната власт.
„За само една година по преземањето на одговорноста на централната влада се овозможи да се инвестираат 500 милиони евра за локален развој преку два јавни повици од кои на вториот повик имаше 887 од 80 општини. Само во овој момент се реализираат проекти по општините од над 100 милиони евра обезбедени од Владата. И таа поддршка ќе продолжи. Свесен сум и за сите недостатоци и големи потреби на граѓаните. Но, нашата работа е за секој еден граѓанин и навистина сум горд на постигнатото и на промените коишто ги правиме заедно“,
рече Мицкоски.
Не ги изостави критиките кон градоначалници кои, како што рече, не биле дел од коалицијата и не ја оправдале довербата, а тој лично се заложил за нив.
„И лекцијата морам да напоменам е научена. Жалам што за нив го вложив мојот личен кредибилитет, и колективно придонесовме да тие станат градоначалници. Не само што не ја оправдаа довербата која им ја дадовме, туку ги изневерија и нашите вредности кои сите останати градоначалници ги бранеа со работа и со дела изминатите 4 години. Но, секое искуство е драгоцено за да не се повтори грешката. И тоа нема да се повтори. Најважно е што сега одиме со сигурни кандидати и со сигурни луѓе кои непогрешливо ќе придонесат за развојот на општните и локалната самоуправа“,
посочи премиерот.