Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најавува протест за утре во 18 часот пред спортската сала „Борис Трајковски“. Тој вели дека го свикува протестот сега за да не биде предоцна.
„Ако нашите дедовци од 1941 до 1944 година се бореле против ‘администрација’ како што манипулира Заев, тогаш тоа нив ги прави ‘терористи’ и ‘престапници’, а не ослободители. Не! Нашата слобода е дело на народната борба против окупаторот, со многу жртви, падови и победи. АСНОМ е вториот Илинден, а Народноослободителната борба е дел од европската борба за слободни народи. Македонија е за пријателство, но пријателството значи взаемно почитување. Ако нема почитување, нема да се разбереме. Да не бидеме неми, да бидеме гласни пред да биде предоцна“,
пишува Мицкоски на својот профил на Фејсбук.
Според него, протестот ќе биде натпартиски и предупредувачки за, како што вели: „одбрана на црвените линии кои се последниот бедем на нашиот идентитет“.
Протестот ќе започне од спортската сала „Борис Трајковски“ и ќе заврши пред Владата, а поради запазување на здравјето поради коронакризата, ќе биде со автомобили.