ВМРО-ДПМНЕ најавува и реконструкција на болниците во Велес, Кичево, Струмица, Струга и Битола
Нови проекти за подобра здравствена политика најави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој најави воспоставување национална мрежа на четири нови клинички центри, што, како што рече, ќе подразбира нов квалитет во македонското здравство. Тој интегриран систем ќе ги опфаќа:
-Клиничкиот центар „Мајка Тереза“
-Универзитетски клинички центар „8 септември“, кој би работел под под административна капа на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“
-Воспоставување на универзитетска клиничка болница – Штип
-Воспоставување на Универзитетска клиничка болница Тетово.
„Со ова здравството ќе стане подостапно за граѓаните и ќе се спасат повеќе животи. Се обврзуваме на обнова која ќе опфати реконструкција на болниците во Велес, Кичево, Струмица, Струга и Битола. Со тоа ќе овозможиме квалитетни услуги и поголемо достоинство на луѓето со загрозено здравје“,
рече Мицкоски.
Тој најави и реконструкција и модернизација на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје. Мицкоски ветува исто така:
-Воспоставување на модерен ургентен траума-центар
-За 20 отсто повисоки плати во здравството за сите
-Отворање можност медицинскиот персонал, покрај услугите во државното здравство, да дава услуги и во приватното здравство и обратно
-Гарантирана плата за специјализанти и платени дежурства
-Ревидирање на позитивната листа, повеќе бесплатни лекови за ранливите групи
-Укинување на рецептите и услуги само со лична карта
-Зајакнување на дежурните служби и на итната медицинска помош
-Ослободување на матичните лекари од административни процедури.