Мицкоски потенцира дека претходните интервенции – како намалувањето на ДДВ за горивата и на акцизата – спречиле двојно повисока стапка на инфлација

Владата подготвува нов пакет мерки кои ќе бидат објавени по велигденските празници. Како што изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, новите одлуки ќе се фокусираат на основните прехранбени производи преку комбинација од намалување на ДДВ и ограничување на профитните маржи.
„Следните мерки би биле повеќе таргетирани за одредени целни групи на граѓани и одредени производи. Зборувам тука пред сè за основните прехранбени производи. И тие мерки би биле комбинирани и со намалување на данокот на додадена вредност, но и со ограничување на профитната маржа. Во таа насока би се движеле мерките“,
рече Мицкоски.
Според владините пресметки, инфлацијата за март се очекува да изнесува помеѓу 4,5 и 5 отсто. Иако е забележано благо засилување во втората половина на март, Мицкоски потенцира дека претходните интервенции – како намалувањето на ДДВ за горивата и на акцизата – спречиле двојно повисока стапка на инфлација.
„Ги правиме анализите во насока на тоа да видиме дали имаме злоупотреба и непазарно однесување од одредени оператори. Да ве потсетам дека во март и април 2022 година стапката на инфлација е двоцифрена – 10,5 отсто“,
кажа Мицкоски.
Тој повтори дека не треба да се носат одлуки под притисок, туку паметно, бидејќи мора да се биде подготвен за подолг период на криза бидејќи, како што истакна, никој не знае колку долго таа ќе трае.
„Мора да се подготвиме за подолг период, а да бидеме среќни ако заврши побрзо“,
рече Мицкоски.
Во однос на најавите дека во првите три месеци од годинава во Собрание ќе се најдат измените на Законот за нефер трговски практики, околу зголемувањето на казните, Мицкоски потврди дека Законот за нефер трговски практики за зголемување на казните е готов.
„Имав состанок со претседателката на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Мислам дека прашање на денови кога истиот ќе влезе во владиина процедура“,
рече премиерот.
Мицкоски е задоволен од порастот на извозот во првите два месеца од годинава, што според него е охрабрувачки, бидејќи не се случило намалување иако имало одредени стравувања.
„Имаме пораст на извозот во февруари за 12 проценти споредено со претходната година и отприлика 10 проценти увозот е зголемен во споредба со лани. Ако се земат предвид првите два месеца отприлика и извозот и увозот растат со истата динамика од 2,4 проценти. Тоа значи дека немаме намалување како што постоеше стравување, туку имаме зголемување. Но, тоа се однесува на првите два месеци. Сега ќе видиме какви ќе бидат следните месеци – март, април и во зависност од тоа колку ќе биде длабока кризата, така и така и ние ќе се однесуваме“,
рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање на почетокот на реализацијата на проект за реконструкција на улици во Општина Аеродром.
Мицкоски вчера рече дека поради одлуката за намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 отсто буџетот веќе трпи сериозни загуби, кои се проценуваат на околу милион евра дневно.
