Милијарда и 200 илјади се пари коишто треба да се платат по основ на казни поради тоа што некои од министрите дивееле и ги прераспределувале вработените во институциите надвор од законот, вработените тужеле ги добиле пресудите и сега Буџетот треба да ги сервисира тие обврски затоа што некој дивеел, рече Мицкоски
Состојбите во Буџетот се алармантни и катастрофални, ќе има истрага за тоа како и што е трошено, кажа премиерот Христијан Мицкоски во гостување на ТВ Сител. Ребалансот на Буџетот е точка на дневен ред на денешната владина седница, а според Мицкоски претходната влада го скроила буџетот за само шест месеци, обидувајќи се да креира што повеќе проблеми.
„Милијарда денари останале непокриени, законски обврски коишто морале да ги направа, не ги предвидувале во Буџетот итн. Но, мислам дека во периодот којшто следи истражните органи ќе имаат многу работа. Да ги истражуваат сите овие работи коишто се оставени како недостатоци и зошто се тие недостатоци. Еве, на пример, да ви кажам дека Национални шуми четири месеци немаат земено плата вработените и итно се потребни околу 250 до 280 милиони денари. Водостопанство, исто така, нема земено плати, акутно се потребни од 60 до 100 милиони денари“,
посочи Мицкоски.

Според Мицкоски, недостасуваат и 3 милијарди и 700 милиони денари за земјоделците. Тој обвини дека состојбата во Буџетот е резултат на лошото менаџирање.
„Милијарда и 200 илјади се пари коишто треба да се платат по основ на казни поради тоа што некои од министрите дивееле и ги прераспределувале вработените во институциите надвор од законот, вработените тужеле, ги добиле пресудите и сега Буџетот треба да ги сервисира тие обврски затоа што некој дивеел“,
вели Мицкоски.

Во однос на изградбата на автопатските делници за што претходната влада потпиша договор со „Бехтел и Енка“, Мицкоски рече дека реализацијата е околу четири до пет милијарди и дека не се решени имотно-правни односи, иако државата се обврзала дека тоа ќе го заврши до средината на минатата година.
„Државата презела обврска дека ќе треба да го отвори теренот за работа за компанијата изведувач до средината на минатата година. Од средината на минатата година досега тоа што треба ние како пенали да го платиме кон изведувачот, доколку одлучи да го фактурира, е околу 36 милиони евра односно три милиони евра месечно треба да плаќаме“,
рече премиерот.
На прашањето дали ќе има доволно средства за ветеното покачување на пензиите, премиерот Мицкоски потенцираше дека линеарното зголемување на пензиите од 5 000 денари за пензионерите ќе се исполни, односно, како што рече, со овој буџет во септември се обезбедуваат 2 500 денари , додека останатите 2 500 денари пензионерите ќе ги земат во март следната година.
Во однос на ставот за намалување на платите на функционерите, Мицкоски најави ново законско решение кое според него треба да биде системско.
„Намалување кај тие што имаат големи примања, меѓу кои се и функционерите, на сметка на таму каде што имаме неправилна распределба во инситуциите. Имате исто работно место, со исти работни задачи во една институција, два пати поголемо од друга институција, тоа не е нормално. Треба тука да се доведат работите во ред“,
додаде Мицкоски.