Премиерот рече дека ќе бараат и од надлежните органи да поведат кривични постапки против оние што шират, како што кажа, страв и паника со наводите дека во Македонија ќе се градат мигрантски кампови
Премиерот Христијан Мицкоски и денеска ги отфрли наводите на опозицискиот СДСМ дека власта планира прифаќање мигранти од Велика Британија и најави неколку мерки што партијата на чие чело е ќе ги преземе во текот на идната недела.

Имено, премиерот денеска, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека следната недела советниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе достават документ до советите во општините кои се споменуваат како наводни локации за изградба на мигрантски кампови, со кои јасно ќе се афирмира антиемигрантската политика на владејачката партија, која, како што кажа Мицкоски, се бори против нелегалната миграција.
Премиерот рече дека ќе бараат и од надлежните органи да поведат кривични постапки против оние што шират, како што кажа, страв и паника со наводите дека во Македонија ќе се градат мигрантски кампови.
„Јас во една моја изјава кажав дека во темелните вредности на ВМРО-ДПМНЕ е антиемигрантската политика, за што бевме обвинувани дека сме ксенофобична партија. Сега имаме сосема спротивни обвинувања од страна на СДСМ, а вистината е јасна. Таква работа ниту ќе се случи, ниту има некој план или некој размислувал дека такво нешто ќе се случи. Впрочем, такви беа изјавите од единствениот официјален извор, а тоа е британската амбасада во земјава“,
рече премиерот, одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на општина Ново Село, каде присуствуваше на поставување камен темелник на нова спортска сала.
Тој рече дека сè уште не може да се изначуди кој, како што кажа, ја насанкал опозициската партија на оваа тема, бидејќи според него таа не оди во нивна полза, бидејќи додека била на власт на владина седница нејзини претставници гласале да се градат такви мигрантски кампови.
„Инаку советници на ВМРО-ДПМНЕ во текот на следната недела ќе достава до советите да се гласа еден документ, со кој јасно ќе се стави до знаење антиемигрантската политика на партијата, односно политика којашто се бори против нелегалната мигранција и генерално таков тип на процеси. Тоа значи дека нема на териториите на тие општини да се создадат такви мигрантски кампови“,
кажа Мицкоски.
Во однос на барањето што ќе го упатат до надлежните институции за поведување кривични постапки против оние кои шират паника и страв во врска со темата за мигрантите, премиерот во изјавата беше јасен дека тие се однесуваат на опозициската СДСМ кои изминативе денови излегоа со вакви тврдења.
Според Мицкоски, тие и покрај неколку деманти од Владата, продолжиле со наводите дека преземањето мигранти е дел од Договорот со Велика Британија, што според него е кривично дело, кое е санкционирано во Кривичниот законик (КЗ).
„Тие се кривично одговорни за тоа што го прават, бидејќи јас разбирам дека вие имате во вашата партија проблеми, не можете да мобилизирате извршен одбор, да формирате структура, општински организации, како и да ги викаат и тоа е во ред. И разбирам, еве, таа тема да ја покренете еднаш-двапати, но кога веќе официјално стигнува демант од претседателот на Владата од соодветните министерства, внатрешни и надворешни, мислам дека од тој момент понатаму вие го поминувате ‘рубиконот’ и вие свесно и покрај демантите ширите паника и страва и за тоа во Кривичниот законик се предвидени одредени санкции“,
изјави Мицкоски.
Говорејќи во тој контекст, тој рече дека ги повикува соодветните органи да излезат од, како што кажа, октроираните стеги на претходната влада на СДСМ и ДУИ и против овие лица да покренат процеси затоа што многумина од граѓаните се загрижени и му се јавувале да го прашаат дали навистина се планира изградба на кампови за мигранти во државата.
„Еве веќе една недела цело време кажуваме дека такво нешто нема да се случи. Еве ќе поминат еден месец, два, три ќе дојде пролет, мигранти нема никој да види. Јас реков дека трајно ќе ја напуштам политиката ако раководството на СДСМ, барем тоа што остана таму, пронајде и еден мигрант којшто е дел од Договорот со Обединетото Кралство или било кој друг договор, реков дека заминувам трајно од политиката“,
кажа премиерот.
Во таа насока, тој додаде дека опозицијата е континуирано уплашена од него и оти со ваквите кампањи се обидува што порано да се спаси од него.
„Сега ми ги бројат овие последни четири години како претседател на ВМРО-ДПМНЕ и сега тие од СДСМ практично во овој случај бараат начин како да се спасат од мене и порано. Нека најдат еден таков мигрант којшто е резултат на Договорот со Обединетото Кралство или некој друг договор па да видиме. Ако не, еве јас реков, не барам да заминат од политиката, тие нека си одлучат, тоа е нивна внатрешна работа. Велам да се извинат. Еве ќе дојде и февруари и март, нема да има избори, нема да има мигранти, и свесно некој ширел паника помеѓу граѓаните. Јас разбирам слобода на говор, ама кога некој петпати демантира дека тоа нема да се случи тогаш треба да се застане со таа работа“,
изјави премиерот.

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и владејачката ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат со меѓусебните обвинувања околу темата за наводно прифаќање мигранти во земјава од Велика Британија, што ја отворија тамошните медиуми.
Од опозициската партија изминативе денови преку прес-конференции и соопштенија тврдат дека Владата преговара и разговара за префрлање мигранти од Велика Британија во земјава. Оттаму утрово, коментирајќи го вчерашното гостување на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието, Антонијо Милошоски, во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5, велат дека потврдил оти постои таков план, кој власта се обидува да го замаскира употребувајќи други термини.
На нивните наводи веднаш одговорија од владејачката партија, од каде што велат дека СДСМ шири конструирани лаги, манипулации и вештачки теми за да го одвлече вниманието од сопствените проблеми.
Инаку, СДСМ вчера ја објави резолуцијата против прифаќање мигранти во земјава, што најавија дека ќе ја поднесат до Собранието. Во резолуцијата се наведени седум точки.
Во неа, меѓу другото, се бара Собранието да ја задолжи Владата веднаш да ги прекине сите евентуални преговори од ваков тип и во рок од три дена да достави целосен извештај до пратениците за сите комуникации остварени со Владата на Обединетото Кралство или други субјекти на оваа тема.
