Според пратеникот на ДУИ, Блерим Беџети, во јавноста се игра мајтап со носењето на овој закон, зашто не се знае ниту до каде е постапката, ниту кој на него работи, а уште помалку кога тој ќе биде донесен
Закон за правична застапеност ќе има и јас лично ќе го извадам овде во Собранието и ќе го бранам. Но, тој ќе биде уставен и ќе гарантира вистинска правична застапеност на сите етнички заедници. Ова денеска му го одговори премиерот Христијан Мицкоски на пратеникот Блерим Беџети од Демократската унија за интеграција (ДУИ) на собраниска седница наменета за пратенички прашања.
„Јас гарантирам за правичната застапеност. Никој нема да се почувствува дискриминиран. Законот ќе дојде во Собранието. Веќе кажавме дека нема да ги правиме грешките од минатото“,
рече премиерот.

Беџети претходно ја обвини Владата и Министерството за администрација за несериозност и одолговлекување на процесот на носење на законот за правична застапеност.
Премиерот му рече дека „балансерот“ е укинат по предлог на претходната влада, во која учествувале и министри од ДУИ.
„Законот е готов уште минатата година, пред шест месеци. Но, за разлика од времето кога вие бевте министер за правда, законите треба да бидат согласно Уставот. За да не ни се случи тој повторно да падне на Уставен суд, а вие тука да излегувате со изјави кои ги злоупотребуваат чувствата на Албанците, да испраќате политички пораки“,
вели Мицкоски.
Посочи дека веќе нема да се прават грешките од минатото и да се носат закони без да се гледа нивната уставност и кои денес оставаат простор за политички тези.
„Наместо да обвинувате, треба да излезете и да им се извинете на Албанците зашто се носени половични решенија“,
кажа тој.
Беџети праша кога ќе биде донесен овој закон, оти според него и по шест месеци од најавите, никој не кажува до каде е овој закон и кој работи на него.
„Има еден пристап на мајтап во јавноста за носењето на овој закон. Немаме никаква информација, ниту како пратеници до каде е состојбата со овој закон, дали е формирана работна група, кога ќе биде донесен. Треба да се почитува духот на Охридскиот договор и да се каже бидејќи и Изет Меџити и Арбен Фетаи се изморија кажувајќи дека ќе биде оваа, па следната недела, па таа после неа. Ова веќе станува хумор“,
кажа тој.
Уставниот суд на 9 октомври минатата година го укина т.н. „балансер“, кој се користеше при вработувања во јавната администрација, со цел да има соодветна и правична застапеност на етничките заедници.
Предметот во Уставен суд беше оформен по иницијатива поднесена од претходниот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) со образложение дека „балансерот“ се злоупотребуваше при вработувањата по етнички клуч.