Тој го пренесе и впечаток на Кос од средбата, односно дека ја подравила реформската агенда на Владата и ја потврдила поддршката на Европската комисија за напредокот на регионот на европскиот пат
Премиерот Христијан Мицкоски попладнево во Владата се сретна со еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, Марта Кос, која престојува во дводневна посета на земјата по повод лидерскиот самит на Европската Унија и Западен Балкан.

Како што информираат од Владата, на средбата премиерот ја истакна цврстата определба на Владата за интеграција во Европската Унија, достоинствено и преку спроведување на суштинските реформи во областите на владеење на правото, економскиот развој и дигиталната трансформација.
„На средбата се разговараше за европската перспектива на регионот, со фокус на спроведувањето на реформите, реализација на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и унапредувањето на соработката со европските институции“,
се вели во соопштението од Владата.

За исходот од средбата со еврокомесарката Кос на својот фејсбук-профил се огласи и премиерот Мицкоски, кој посочи дека овој состанок претставува потврда за зголемената улога на државата во регионалните и европските процеси, како и признание за новата енергија со која Владата ги води реформите и создава предвидлива и стабилна иднина за сите граѓани.
Тој го пренесе и впечаток на Кос од средбата, односно дека ја подравила реформската агенда на Владата и ја потврдила поддршката на Европската комисија за напредокот на регионот на европскиот пат.
Претходно, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на скопскиот аеродром ја пречека еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Нејзината посета на земјава е по повод утрешната лидерска средба Европска Унија – Западен Балкан која се одржува во Скопје и на која ќе се разговара за Планот за раст.