Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, собранискиот спикер Талат Џафери треба да се охрабри и да ја свика Комисијата за избори и именувања, која треба да му достави на парламентот предлози за уставни судии


Опозицијата има план и стратегија и ќе ги искористи сите институционални и вонинституционални методи и алатки да дојде до предвремени парламентарни избори што побргу, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по средба во Тетово со новиот градоначалник и претседател на Беса, Билал Касами, чија партија неодамна замина во опозиција.
„Нормално дека имаме план, јас сум сериозен човек и секогаш во животот ги правам работите со план. Бидете трпеливи, ќе видите. Јас не очекувам дека ќе заминат овие кои се возат со лимузини од половина милион евра, кои газат дебели црвени перскиски килими во владините кабинети и се фино залегнати во кожени фотелји, додека народот гладува, а младите се селат од државата и луѓе умираат по болници или горат живи. Нормално дека ќе сакаат до последно да го цицаат народот и да живеат на маката на народот. Ако мислите дека тие сами ќе заминат, нема да заминат. Но затоа ние, како опозиција, имаме свои алатки и методи, институционално и вонинституционално, да се бориме за тоа што мислиме дека народот го очекува од нас и да бидеме на страната на народот“,
рече Мицкоски.
Според него, собранискиот спикер Талат Џафери треба да се охрабри и да ја свика Комисијата за избори и именувања, која треба да му достави на парламентот предлози за уставни судии.
„Ако зборуваме за Комисијата за избори и именување, таа си има пратеници. Парламентот има 120 пратеници, не е распуштен, нема исчезнати пратеници. Имаше еден, па го најдоа. Така што треба само да се охрабри спикерот на парламентот да ја закаже и таа комисија да си заседава. Сега, доколку тие сакаат да партизираат уставни судии, по партиски декрети да се ставаат таму, доколку сакаат членови на регулаторни тела да бидат по партиски декрети, простете, но јас нема да се сложам и ќе направам се што е во моја моќ тоа да не го дозволам“,
истакна Мицкоски по средбата со Касами во Тетово.
