Премиерот очекува до крајот на месецот да се одржи состанок на Економско-социјалниот совет бидејќи има сознанија оти е завршено утврдувањето на репрезентативноста на синдикатите
Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе има средба со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на која се очекува да разговараат за тоа што би се преземало во однос на цените или ограничување на маржите.
Покрај тоа, премиерот и министерот треба да разговараат и за одржување на седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС).
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши (лево) и премиерот Христијан Мицкоски (десно) / Фото: Влада
Одговарајќи на новинарско прашање на настанот на Царинската управа „Една година резултати“, посочи оти нема информации дека се при крај мерките за кошничка како што беа есенската или новогодишната и за ограничување на маржите.
„Денеска имам состанок со министерот за економија и труд со кој ќе разговараме за она што треба да го преземеме во периодот што следи, соодветно на анализите што ги направивме“,
рече тој.
За одржување на седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС), премиерот посочи дека има сознанија оти е завршено утврдувањето на репрезентативноста на синдикатите, со што, додаде, дека нема пречки таква седница да се одржи и покрај тоа што е период на одмори.
„Мислам дека Комисијата што треба да ја утврди репрезентатвноста на синдикатите ја заврши својата работа. Доколку е тоа така, денеска и за тоа ќе разговараме и со министерот, тогаш не гледам причини и покрај тоа што се одмори да не одржиме состанок. До крајот на месецот очекувам да се одржи состанок на Економско-социјалниот совет“,
кажа Мицкоски.
На почетокот на месецов, Дурмиши рече дека се чека извештајот од Државниот пазарен инспекторат од контролите направени кај трговците во текот на јуни и доколку има зголемување на цените на основните производи повторно ќе бидат воведени поригорозни мерки.
Тогаш тој рече дека во мај цените биле зголемени кај сите производи што претходно имаа ограничени маржи. Намалување на цената додаде дека има кај производите кои се од домашните производители на овошје и зеленчук.
Според последниот извештај на Државниот завод за статистика, трошоците за живот во месец јуни се зголемиле за 4,5 отсто, а цените на мало за 3,7 проценти.
Премиерот најави дека Владата ќе спроведе детална анализа на базичната инфлација, по што многу скоро ќе излезе со прецизни и таргетирани мерки за заштита на граѓаните од зголемените цени на производите.