Повторувајќи ги тврдењата дека постои непринципиелна коалиција меѓу ДУИ и Левица за локалните избори, Мицкоски од првиот митинг со кој ВМРО-ДПМНЕ ја стартуваше изборната кампања синоќа во Скопје, се осврна на пораките на лидерот на ДУИ, а му ја пренесе и својата – дека по овие избори Али Ахмети ќе го оди во политичка пензија
„Неговата најнова изјава, во која зборува за ‘политичко пензионирање’ на лидерот на Албанците, Али Ахмети, не е само лична желба, туку продолжение на неговата стратегија за слабеење, маргинализирање и контрола на Албанците“, се вели во реакцијата од ДУИ
Демократската унија за интеграција денеска реагира на дел од синоќешниот говор на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на партискиот митинг на првиот ден од изборната кампања, во кој тој ги критикуваше ДУИ и нејзиниот лидер, Али Ахмети, на кого му порача дека по локалните избори ќе оди во политичка пензија.

„После 15 месеци или да речеме нешто повеќе, година и половина, отиде во опозиција, а после овие избори одиш во политичка пензија, јас ти гарантирам“,
рече Мицкоски на митингот во Скопје.
Од ДУИ, во нивната денешна реакција, оценуваат дека Мицкоски со кажаното синоќа, како што велат, јасно ја открил својата политичка опсесија за контрола врз албанската сцена во Македонија.
„Неговата најнова изјава, во која зборува за ‘политичко пензионирање’ на лидерот на Албанците, Али Ахмети, не е само лична желба, туку продолжение на неговата стратегија за слабеење, маргинализирање и контрола на Албанците. Само пред неколку дена, тој изјави дека целта на овие избори е елиминацијата на ДУИ од политичката сцена на земјата, и со тоа го потврди она за што предупредувавме со месеци: Мицкоски не бара само изборна победа, туку доминација врз Албанците и обид за контрола на нивното претставување“,
се вели во писмената реакција од ДУИ.
Од партијата наведуваат дека кога Мицкоски и неговата партија зборуваат за „врапчиња и славеи“, се повикуваат само на „нивните чесни Албанци“, односно оние кои, според ДУИ, ги имаат под контрола во Владата. Според интегративците, станува збор за опасна идеолошка платформа на која, како што наведуваат, целта ѝ е да наметне слаби и потчинети политичари Албанци, кои молчат за да ја задржат личната власт, притоа посочувајќи на коалицијата ВЛЕН, која е дел од владиното мнозинство.
„Но, вистинските Албанци, орлите на оваа земја, не можат да се затворат под еден политички кров. На 19 октомври Албанците ќе ја покажат својата сила и решителност, давајќи ѝ заслужен одговор на неговата опсесија. На 19 октомври, куклите на Мицкоски во ВРЕДИ ќе го доживеат поразот што го заслужуваат. Орлите ќе летаат над секој обид за контрола, а гласот на Албанците ќе одекне. Ние нема да исчезнеме, нема да се понижиме и нема да дозволиме некој друг да избира наместо нас. ДУИ е тука и ќе остане гласот на Албанците кои бараат еднаквост, достоинство и право самите да одлучуваат за својата иднина“,
велат од ДУИ.

Жестоката реторика што ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ си ја разменуваат одвреме-навреме, почна да добива на интензитет со почетокот на кампањата на локалните избори закажани за 19 октомври.
Во предвечерјето пред официјалниот почеток на изборната кампања, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од конвенцијата на „Националната алијанса за интеграција“ (името на коалицијата што ја предводи ДУИ за локалните избори) завчера во Скопје, му порача на Мицкоски дека е млад и оти со кучиња не се оди во лов на орли.
На пораките на лидерот на ДУИ веднаш реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што наведоа дека Ахмети не е орел, туку врапче кое ќе носи писма со понуди откако ќе загуби на изборите.
Повторувајќи ги тврдењата дека постои непринципиелна коалиција меѓу ДУИ и Левица за локалните избори, Мицкоски од првиот митинг со кој ВМРО-ДПМНЕ ја стартуваше изборната кампања синоќа во Скопје, се осврна на пораките на лидерот на ДУИ, а му ја пренесе и својата – дека по овие избори Али Ахмети ќе го оди во политичка пензија.

„Од Демократската унија за интеграција со истите трикови децении наназад, како ‘стара зечица закачица’ провоцираат и едвај чекаат да им одговорам. Сигурно пресметале дека ќе им вратам, па така ќе им го подобрам уништениот рејтинг. Таа нивна игра мора и Албанците и Македонците и сите останати да ја знаат и да ја разберат. Така ДУИ си го крева рејтингот, а тезите им се стари и излитени, те крвави, те јастреби, те орли, те зајаци. Истиот фолклор го споменуваат 20 години. Албанците му се иселија, парампарче направија од крадење. Албанците дури и од неговиот Зајас се иселија, исто како во Струга, Дебар, Тетово, Гостивар, Кичево и насекаде каде што живеат. Дваесет години беа на власт, видовме сè што можат и што не можат. И тие метафори на митинзите повеќе не им поминуваат. Добри се ако одлучиле да се занимаваат и да глумат во хумористични филмови за да можат да насмеат некого, но не и да влеат надеж каква им е потребна сите граѓани на Македонија. Но, добро е што барем името ми го изговара правилно. После 15 месеци или да речеме нешто повеќе, година и половина отиде во опозиција, а после овие избори одиш во политичка пензија, јас ти гарантирам“,
рече Мицкоски во својот говор.