По средбата, како што најави премиерот, ќе бидат преземени соодветни чекори, кои ќе бидат во рамките на законите

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека претставници од Министерството за правда ќе одржат средба со правни експерти кои тврдат дека учеството на независни кандидати на избори не може да се регулира со упатство на Државната изборна комисија (ДИК).
По средбата, како што најави премиерот, ќе бидат преземени соодветни чекори кои ќе бидат во рамките на законите.
„Министерството за правда ќе има состанок со дел од тие експерти, чекаме да видиме што мислат и да повлечеме таков потег, инаку ќе се постапи секако според закон. Нема да се постапува надвор од закон,“
рече Мицкоски при посетата на ЈЗУ Универзитетска клиника за урологија.
Вчера Мицкоски рече дека ставањето надвор од сила на упатството на ДИК од 2024 година за постапката за собирање потписи не го нарушува изборниот процес за локалните избори. Тој потенцираше дека ДИК има законска обврска да донесе ново упатство, а какво ќе биде тоа, зависи од самата Комисија.
Мицкоски додаде и дека новиот изборен законик веќе неколку месеци е во собраниска процедура, но е блокиран од опозициска партија која бара нејзиниот член во ДИК да има право на вето, што, како што истакна, го нема никаде во светот.
„Со други зборови не сакаат да се донесе овој изборен законик. Но, доколку постои политичка волја, ние како владина коалиција сме апсолутно подготвени утре да се стави оваа точка на дневен ред и да се заврши со тоа“,
изјави вчера Мицкоски.
Одлуката на ДИК за ставање надвор од сила на упатството од 2024 година беше донесена на седница во саботата, а претседателот на Комисијата, Борис Кондарко, објасни дека причината е одлуката на Уставниот суд со која се укинати членовите 61 и 62 од Изборниот законик кои го регулираа бројот на потребни потписи за независните кандидати.
Претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко, рече дека на локалните избори ќе може да учествуваат и независни кандидати за градоначалници и листи за советници. Тој повикувајќи се на членот 60 од Изборниот законик, рече дека ДИК нема право никому да му го ускрати законското право за учество на избори.
Откако независните организации изразија недоверба во изјавата на ДИК најавија дека продолжуваат со собирање потписи за формирање политичка партија за да не се најдат во ситуација во која повторно во последен момент ќе се појави некое ново правило или ќе се изгласа некоја нова измена на Изборниот законик за да не може да настапат на изборите.
Вчера Кондарко рече дека во Изборниот законик е дадено правото на независни кандидати и листи да учествуваат на локалните избори, односно во Изборниот законик тие се именувани како „група избирачи“.