„Ако сега бараат 600 евра минимална плата, за некое време и 800 евра ќе бараат, можеби и 1 000, а ние како влада тука сме немоќни. Треба бипартитниот договор меѓу работниците и работодавачите да заврши, така што адресата пред Владата е погрешна адреса“, вели премиерот

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека на владина седница ќе биде потврден заклучокот од последниот Економско-социјален совет, според кој минималната плата ќе се зголеми на над 26 000 денари.
„Владата цело време размислува околу минималната плата и токму поради тоа го почитуваме законот. Минималната плата ќе натфрли 26 илјади денари“,
вели Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата е подготвена да поддржи и повисок износ, но само доколку се постигне консензус во бипартитниот дијалог помеѓу работниците и работодавачите, додавајќи дека најавените протести пред Владата се упатени на погрешна адреса.
„Ако сега бараат 600 евра минимална плата, за некое време и 800 евра ќе бараат, можеби и 1 000, а ние како влада тука сме немоќни. Треба бипартитниот договор меѓу работниците и работодавачите да заврши, така што адресата пред Владата е погрешна адреса“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
На прашањето дали има можност владата повторно да размисли околу минималната плата откако за сабота е најавен нов протест на синдикатите, Мицкоски изнесе обвинувања насочени кон раководството на ССМ.
Според него, неколкумина од раководството на ССМ се исполитизирани и манипулираат со јавноста и оти се длабоко навлезени во „политичкото мочуриште“ што го креира опозицијата.
„Прво ја манипулираа јавноста со т.н. минимална потрошувачка кошничка. Еден од авторите излезе и рече дека тоа всушност не била минимална туку просечна потрошувачка кошничка изработена од синдикатот. Неколку пати излегуваа со навреди кон мене, кон владата, со лаги за, не знам, мојата плата колку илјадници евра била“,
рече Мискоски.
Премиерот вели дека треба со внимание да се следат пораките што доаѓаат од неколкумина, посочувајќи на Синдикатот на УПОЗ, за чии претставници вели „еден ден се сликаат со владата при потпишување договори, а следниот ден ги блокираат улиците“.
Мицкоски упати апел до граѓаните со внимание да ги следат пораките на синдикалните лидери, за кои рече дека се дел од „сериозни фамилијарни стебла длабоко навлезени во политички талог“.
