„Мене ако ме прашате лично ќе ви кажам дека 5 илјади евра треба да биде минималната плата“, рече, меѓу другото, премиерот одговарајќи на пратенички прашања во Собранието
Минималната плата ќе биде онаа којашто ќе ја договорат работодавачите и работниците – вели премиерот Христијан Мицкоски во одговор на пратеничко прашање од пратеничката Јована Тренчевска дали Владата ќе го прифати предлогот на синдикатите за зголемување на минималната плата на над 500 евра.

Според премиерот, минималната плата треба да биде не 500, туку пет илјади евра.
„Мене ако ме прашате лично ќе ви кажам дека 5 илјади евра треба да биде минималната плата. Со растот на минималната плата можеби Владата најмногу ќе профитира и буџетот. Не можеби, туку сигурно најмногу ќе профитира затоа што економијата и бизнисот ќе треба пропорционално да ги пондерираат сите плати, што ќе каже дека пропорционално ќе бидат пондерирани и придонесите во буџетот во фондовите итн. реално најмногу можеби ни одговара. Дали е тоа правилно? Тоа е морален хазард. Дали е тоа исправно? Тоа е морален хазард“,
рече Мицкоски во одговорот на прашањето на Тренчевска.
Додаде дека минималната плата ќе биде онаа која што ќе ја договорат работодавачите и работниците.
„Владата може да го фасцилитира тој процес и како таков да го гледа и да го поддржи кога ќе заврши ако има решение. Секое решение кое што тие ќе го поддржат, ние ќе го прифатиме и тука нема никаква дилема. Се надевам дека работодавачите и работниците ќе постигнат договор којшто ние ќе го поддржиме“,
додаде премиерот.
Мицкоски одговараше на прашање на пратеничката Јована Тренчевска дали Владата планира зголемување на минималецот со оглед на тоа што, како што кажа, годинава е усвоен најголемиот Буџет во историјата на државата.
„Додека трошоците за живот растат од месец во месец, платите и натаму стагнираат. Донесовте најголем Буџет во историјата тежок 6 милијарди евра, во кој нема пари за повисоки плати, ама имате пари за нов авион. Тоа се тие ваши приоритети, вашите интереси се пред интересите на граѓаните очигледно“,
рече Тренчевска.